Фондацијата “е-Македонија” во партнерство со граѓанската организација “Отворете ги прозорците” стартуваа со проектот “Компјутерот – прозорец кон светот” за еднаква вклученост во информатичкото општество на децата и лицата со попреченост.
Целта е да се овозможи што повеќе лица со попреченост да користат компјутер и интернет.
Лицата со попреченост не можат да користат стандарна компјутерска опрема, која наместо да помогне, ја отежнува нивната активна вклученост и негативно влијае на нивниот понатамошен успех во сите сфери на живеењето.
Затоа, првиот чекор е набавка на помошни и смарт уреди, во износ од 14 000 евра, како донација од фондацијата “е-Македонија”.
“Како лидер во светот на телекомуникациите, ние се движиме кон создавање на дигитално општество, кое не би било целосно доколку децата и лицата со попреченост не се дел од него. Наша обврска е како социјално одговорна компанија да им овозможиме еднакви услови, да им дадеме поттик да бидат активно вклучени рамноправни членови на новото општество базиранo на интернет-протокол и информатичко-комуникациски технологии“ – изјави Радмила Јонческа, претседател на фондацијата “е-Македонија”.
Опремата е наменета за “Отворете ги прозорците“, но и за уште две други организации – “Ластовица“ од Скопје и Здружението на лица со церебрална парализа од Велес. По добиената обука, и овие организации ќе можат да им помогнат на лицата со попреченост да ги користат компјутерите за сопствениот личен развој.
“Современата технологија може секому да му го олесни и поедностави животот, да овозможи секој да го даде својот придонес во заедницата. Многу нè радува тоа што ова убедување го споделуваме со фондацијата “е-Македонија”. Поддршката ќе ја искористиме за да им помогнеме на лицата со попреченост да го развијат сиот свој потенцијал користејќи современа компјутерска опрема“ – изјави Владимир Лазовски, директор на “Отворете ги прозорците“.