Загрижени сте за вашата меморија? Не паничете. Неколку едноставни чекори – од практикување ментална активност до физичка активност во Вашиот секојдневен живот, можат да ви помогнат да ја изострите меморијата.
Не можете да ги најдете клучевите од автомобилот? Заборавате што требаше да купите? Не можете да се сетите на имињата на драгите личности? Не сте сами во ова. Секој од нас понекогаш заборава некои работи. Сепак, загубата на меморијата не е нешто што треба со “лесно срце” да го прифатите. Иако не постојат гаранции во однос на превенирање на загубата на меморијата или деменцијата, сепак некои мемориски трикови можат да помогнат.
Бидете ментално активни
Како што физичката активност придонесува за физичка подготвеност на телото, така активностите што се ментално стимулативни му помагаат на вашиот мозок да остане во форма. Решавајте крстозбори. Прочитајте го делот од весникот што вообичаено го избегнувате. Кога возите, не одете секогаш по истиот пат. Научете да свирите на некој музички инструмент. Станете волонтер во некоја организација.
Социјализирајте се
Социјалната интеракција помага во борбата против стресот и депресијата, коишто придонесуваат кон загубата на меморијата. Секогаш наоѓајте време за вашите драги личности, пријатели, роднини – особено ако живеете сами. Не одбивајте ја поканата за ручек или настан!
Бидете организирани
Многу е поверојатно да ги заборавате работите ако вашиот дом е несреден и ако забелешките што сте ги напишале не ви се средени. Работните задачи, состаноците и другите настани запишувајте ги во специјален бележник, календар или планер, со цел да бидат зацврстени во вашата меморија. Редовно ажурирајте ги листите за тоа што треба да го направите и прецртајте ги или избришете ги завршените работи. Определете место во домот каде што ќе ги оставате клучевите, паричникот и другите неопходни работи.
Бидете фокусирани
Ограничете ги прекинувањата во работата и не правете премногу работи одеднаш. Ако се фокусирате на информацијата што сакате да ја запомните, многу е поверојатно дека на неа подоцна и ќе се сетите. Може да помогне ако тоа што сакате да го запаметите го поврзете со некоја омилена песна или со некој друг познат концепт.
Хранете се здраво
Храната што благопријатно му влијае на вашето срце може да го има истото дејство и врз вашиот мозок. Фокусирајте се на исхрана со овошје, зеленчук и цели зрна. Одберете извори на храна што имаат нискомаслени протеини, како што се рибата, чистото црвено месо и пилешкиот стек. Исто така, важно е и она што го пиете. Премалку вода или премногу алкохол може да доведат до конфузија и до загуба на меморијата.
Бидете физички активни во секојдневниот живот
Физичката активност го зголемува протокот на крв низ целото тело, вклучително и во мозокот. Тоа може да помогне во одржување на меморијата. За повеќето здрави возрасни личности се препорачува најмалку 150 минути неделно умерена аеробична активност (како брзо пешачење) или 75 минути неделно висока аеробична активност (како џогирање). Ако немате доволно време, одвојте барем 10 минути дневно за пешачење.
Следете ги хроничните состојби
Следете ги препораките на вашиот лекар за која и да било хронична состојба што ја имате, како што се дијабетес, висок крвен притисок и депресија. Колку што повеќе водите грижа за себеси, толку ќе биде подобра и вашата меморија. Редовно консултирајте се со вашиот лекар во однос на лекарствата што ги земате. Некои лекарства можат да имаат негативно влијание врз меморијата.
Кога да побарате помош?
Ако сте загрижени за губењето на вашата меморијата, особено ако губењето на меморијата влијае врз вашите способности за извршување на вообичаените дневни активности, консултирајте се со лекар. Лекарот ќе изврши физички преглед и ќе ја провери вашата меморија како и вашите способности за решавање на менталните проблеми. Понекогаш, лекарот ќе препорача да се направат и дополнителни тестови. Третманот ќе зависи од тоа што предизвикува загуба на меморијата.
Овие мерки би можеле да помогнат во подобрување на вашата меморија, во спротивно би требало да побарате професионална помош.