Како што веќе најавивме овој месец започна да се прикажува новата верзија на легендарната научна документарна серија Космос. Американската премиера на серијалот се случи минатата недела, на 9-ти март на каналот Fox, додека за останатиот дел од светот премиерата е најавена за вечерва, во 20,55 часот на сателитските канали National Geographic и Fox.
Да повториме, се работи за возобновување на популарниот документарен серијал од 80-тите години "Космос: Лично патување" чијшто водител беше познатиот космолог, астроном и астрофизичар Карл Саган. Документарецот тематски го носеше гледачот во авантурата на истражување на универзумот, раскажувајќи ја приказната на космосот низ еден поширок видик кон нештата, нудејќи тематска шареноликост која покриваше од обработки на делови од јапонскиот фолклор, преку разобличување на астрологијата, па сè до конечната судбина на ѕвездите и галаксиите што нè опкружуваат.
По американската премиера можеа уште веднаш да се прочитаат мноштво од позитивни критики за новиот серијал "Космос: одисеја низ времето и просторот". Првата епизода ја истакнува минорноста на човештвото споредено со бесконечноста на време-просторот. Најнапред ја раскажува приказната на Џордано Бруно, кој прв претпоставил дека зад светлата на другите ѕвезди се кријат незамисливо бесконечен број на други светови. Го раскажува конфликтот на овој мислител со католичката црква која за да ја заштити нејзината религиозна догма го осудува Џордано Бруно на спалување на клада. Акцентот притоа е ставен на обидот да се потиснe слободоумното и напредно размислување коешто ја рушело црковната догма.
Следниот сегмент од првата епизода говори за космичкиот календар претставувајќи ја пропорционално историјата на космосот долга 13,8 милијарди години спакувана во календарски приказ од една година. На овој начин повторно се истакнува маленкоста на човекот и неговата ништожност споредено со бесконечноста на космосот.
Во оваа епизода водителот Нил Деграс Тајсон му оддава омаж на Карл Саган, потсетувајќи нè на оригиналната серија којашто тој ја водеше и чиешто сценарио го напиша.
Како што пишува и Фил Плат, познатиот астроном и "проповедник" на науката, документарецот ја прикажува науката низ една хумана призма, прикажувајќи ја науката како сеопшт потфат на човештвото, всушност како еден од најчовечните потфати. Тој истакнува:
"Таа (науката) е нашата имагинација, нашата желба да се истражува и нашата ненасушна потреба да се откриваат нештата. Ние се наоѓаме на бреговите на космичкиот океан а постојат толку многу работи коишто треба да ги дознаеме за него."
Топло ви препорачуваме да ја следите оваа документарна серија која секоја недела ќе ве носи на извонредно патување во светот на научната мисла. Да потсетиме, "Космос" се емитува на сателитските канали Fox и National Geographic, со почеток во 20.55 часот секоја недела.