Рубрика: Омнибус
Наскоро, прв сериозен музеј на научната фантастика
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 04.03.2014 - 15:14

Добри вести за сите љубители на научната фантастика од целиот свет: наскоро може да очекуваме отворање на првиот голем (и сериозен) Музеј на научната фантастика, кој ќе се наоѓа во Вашинтон (Ди-Си :)), во САД. Основањето беше најавено уште во ноември минатата година, кога беа објавени плановите за музејот којшто ќе понуди широк преглед на научната фантастика во литературата, телевизијата, филмот, музиката, видеоигрите и во уметноста. Иако официјалното отворање на музејот е најавено за почетокот на 2017-та година, планирано е веќе кон крајот на оваа година да се оформи неговата прва поставка.
Музејот ќе има седум различни галерии, каде што ќе бидат прикажани творци од областа на научната фантастика, возила од некои од Sci-Fi ремек-делата, различни концепти за патување низ времето, вонземјани, компјутери, роботи и технологија кои биле опишани во повеќе литературни, филмски и телевизиски остварувања. Планирано е изложбата да започне со поставка од делото “Франкенштајн” на Мери Шели, која од многумина се смета за првиот Sci-Fi автор, и да продолжи со презентација на развојот на научната фантастика до денешните дни.
Директорот на музејот, Грег Виџано подвлекува дека целта на музејот е да ја претстави научната фантастика на еден сеопфатен и разбирлив начин.
Досега неколкумина колекционери понудиле на заем делови од своите Sci-Fi колекции за излагање во музејот. Па така, понудени се модели од ѕвездениот брод Enterprise E, којшто беше употребен во филмот “Ѕвездени патеки IX: Востание” (Star Trek – Insurrection), опсерваторијата Амаргоза и вселенската станица Deep Space 9, во кои беа употребени претходни делови од Ѕвездените патеки, како и минијатурните модели користени при снимањето на популарната ТВ-серија “Ѕвездениот брод Галактика” (Battlestar Galactica).
Музејот веќе склучил неколку договори за партнерство за чување стотици интервјуа со sci-fi великаните, меѓу кои и од Реј Бредбери и Артур Кларк.
Виџано, кој признава дека ги преферира класиците на научнофантастичниот жанр, вети и тематска поставка од “Дваесет илјади милји под морето”, познатото дело на Жил Верн, формирана од реквизити користени при екранизацијата на ова дело од компанијата “Дизни”, како и поставка од “Враќање на забранетата планета”.
Работната група на музејот веќе побудила голем интерес со голем број барања за волонтирање, како и понуди за помош од луѓе со долгогодишно искуство во работата на стручните музеи.
Планирано е музејот да се финансира од приватни донатори и по пат на организирање донаторски кампањи на веб-страницата IndieGoGo.com.
Основачите на овој музеј се надеваат дека ќе го зголемат интересот за образованието во областа на техничките науки, техниката и инженерингот, како и математиката. Многу од експонатите се планира да бидат интерактивни, наменети за децата и за оние кои се чувствуваат како такви.
Овие денови стигнаа и вести дека во помагачите на музејот се вклучува и популарниот Science Channel на Discovery Communications. Покрај тоа што Science Channel ќе биде ексклузивен медиумски спонзор, обезбедувајќи и емитувајќи видеосодржини за промоција на музејот, тој и физички ќе биде присутен во музејот и ќе соработува во организирацијата на заеднички медиумски и други настани.
Повеќе за музејот можете да дознаете на нивната официјална интернет-страница http://www.museumofsciencefiction.org/

Клучни зборови: