Постојаниот напредок на општеството е условен со забрзаниот напредокот на новите технологии, што доведува до сè поголемо производство на различни електрични уреди и опрема, без кои секојдневниот живот речиси не може да се замисли. Таков отпад на неупотребливи уреди има насекаде, па дури и во нашите спални соби!
– До 2017година, глобалниот волумен на неупотребливи фрижидери, телевизори, мобилни телефони, компјутери, монитори и друг ваков отпад ќе тежи колку што тежат 200 Empire State згради, – пишува во најновиот извештај кој го обиколи светот.
Според прогнозата која се темели на собраните податоци од страна на Обединетите Нации, владини и невладини организации и научни институции, која е изготвена во вид на проект – иницијатива и гласи "Решавање на е-отпадот", ваквиот отпад за наредните три години ќе се зголеми два пати, а во неговото зголемување ќе предничат Соединетите Американски Држави и Кина. Изготвена е и карта на светскиот е-отпад, која е достапна на интернет.
До исцрпни и валидни податоци за глобалнот е-отпад во светот и во одделни држави е тешко да се дојде, бидејќи него разни земји различно го дефинираат. На пример, Соединетите Американски Држави во овој отпад ја вклучуваат само продадената опрема, како што се шпорети, телевизори, компјутери и друго, додека европските земји во ова ги вклучуваат и батериите, светилките, мрежните кабли и друго. Според достапните податоци, Америка произвела околу 258,2 милиони единици компјутери, монитори, телевизори и мобилни телефони во 2012 година, од што 171,4 милиони се собрани за рециклирање, а 14,4 милиони се извезени. Ова се податоци добиени од извештајот на Обединетите Нации.
Ако на ова се надодадат произведените батерии, како и светилките кои содржат жива, состојбата и опасноста од е-отпадот е застрашувачка. Решението е во рециклирањето, но и во подигање на индивидуалната и општествена свест за справување со е-отпадот.