Познат е системот старт-стоп којшто се применува кај штедливите автомобили од новата генерација. Тоа е технички релативно комплексен систем, кој ја исклучува работата на моторот кога при користењето на автомобилот нема потреба од него, а кога повторно ќе се појави потреба од услугите на моторот, овој систем повторно за момент го стартува моторот. Првата генерација старт-стоп системи го исклучувала моторот кога автомобилот во текот на рутата подолго време стоел во место (пр. при задушување на сообраќајот карактеристичен за градските средини), втората генерација го исклучувала моторот и при кратки застои при возењето (пр. чекање на црвено на семафор). Третата, засега најсофистирана генерација на старт-стоп системите е неодамна промовирана од фирмата BOSCH и е уште поригорозна во однос на режимот на исклучувањето на моторот. Имено, овој систем го исклучува моторот од неговата работа и во текот на возењето на автомобилот во случаите кога од работата на моторот нема потреба. При ова, дополнително се заштедуваат 10% гориво, што е извонреден резултат.
За што се работи? Со детални и темелни испитувања спроведени од BOSCH, добиени се сознанија дека при возењето на автомобилот во разни секојдневни ситуации, од услугите на моторот кога автомобилот сè уште е во движење, нема потреба во 30% од времето. Тоа значи дека во овој период од возењето, моторот може да се исклучи од работа. Паметната електроника ги детектира овие случаи, а тоа се кога педалот за гас не е притиснат воопшто, а истовремено автомобилот не кочи, потоа, кога автомобилот вози на блага надолнина. Кога возилото вози бавно и по инерција е исто така случај кога нема потреба моторот да работи. Уште повеќе, ако автомобилот вози по инерција, без притисната педала за гас, при што моторот работи, забавувањето е значително поинтензивно отколку кога моторот е исклучен (не работи), а трансмисијата е во неутрален режим ("лер"), или кажано со јазикот на аеронаутичарите, автомобилот има значително поголема "финеса" во вториов случај. Секако, ова се само најкарактеристичните случаи. Штом електрониката детектира некој од овие случаи, тогаш веднаш го исклучува од работа моторот од автомобилот, електронската спојка истовремено механички го одделува моторот од трансмисијата, и автомобилот продолжува да се движи по инерција. Тоа трае сè додека возачот нема потреба од моторот, т.е. сè додека не притисне на педалот за гас или на педалот за кочење (ако има потреба од кочење во тој момент), при што исклучително моќниот електростартер за миг го става во погон моторот во внатрешно согорување, а електронската спојка и менувачот веднаш ја дистрибуираат силината кон тркалата.
Овој систем може да се вгради во сите нови автомобили. Заштедите на гориво се значајни, а со тоа е значајно намалена и емисијата на CO2. Досегашните старт-стоп системи ја намалуваа емисијата на CO2 за 5%, а најновата генерација ја намалува емисијата на CO2 за околу 10%.
Ова е одличен пример за тоа каде сè треба да се бараат можностите со кои би се заштедила енергијата без притоа воопшто да се наруши удобноста на патувањето. Во овој случај, заштедата е побарана во непотребното работење на моторот во празен од кога автомобилот е во движење.