Рубрика: Омнибус
Брусница - природен антибиотик
Автор: Ирена Кацеска
Објавено на 31.01.2014 - 11:43

Брусницата, ситната бобинка која сè уште не е многу позната на нашите простори, според сите критериуми, е една од најздравите видови храна. Таа има цела палета својства кои се од голема корист за здравјето. Научниците интензивно работат на откривање на сè повеќе карактеристики на ова црвено овошје кое потекнува од Северна Америка, како и на лековитите тајни во неговиот хемиски состав.
Тие сметаат дека уште американските Индијанци ја користеле брусницата како лек. Ги мешале брусниците со пченкарно брашно, а потоа смесата ја ставале на рани за да го спречат труењето на крвта. Од брусниците подготвувале и јадење кое го нарекле пимецан – сушено и иситнето месо или риба го мешале со маст и брусници и од таа смеса меселе погачи кои ги сушеле на сонце. Во текот на долгите зими овие погачи претставувале богат извор на протеини и витамини, бидејќи брусниците бавно се расипуваат затоа што содржат пектин. Бидејќи се богати со витамин Ц, морепловците на кои им се заканувала опасност од скорбут, во минатото имале обичај на своите долги патувања да понесат бочви полни со брусница. Според легендата, Индијанците во 1621 година им донеле брусници на доселениците кога за првпат биле на прославата на Денот на благодарноста, која ја подготвил Вилијам Братфорд, управник на доселеничката колонија во Плимут.
Покрај витамините А и Ц, калиум и растителни влакна, брусницата е особено богата и со разновидни заштитни материи, како што се биофлавоноидите. Тие имаат силно антиоксидативно дејство со кое го смалуваат ризикот од појава на малигни заболувања. Антиоксидантите помагааат и при превенција од кардиоваскуларни заболувања, додека хипурната киселина претставува природен антибиотик со нагласено антимикотично дејство. Присуството на антоцијаниди и проантицијаниди помага за обновување на клетките одговорни за видот. Брусницата содржи исклучително мали количества шеќер, така што ефикасно го намалува нивото на гликоза во крвта, а тоа им годи на дијабетичарите. Со научни истражувања е докажано дека три чаши сок од брусница дневно го зголемуваат нивото на антиоксиданси во плазмата за над 120 проценти. Брусницата го зголемува и нивото на добриот холестерол (HDL) во крвта, со што ризикот од болести на срцето и крвните садови се намалува за околу 40 проценти. Американскиот национален институт за здравје финансира истражувања со кои ќе се верификуваат ваквите својства на брусницата, како и другите позитивни карактеристики на ова киселкасто овошје.
Сокот и чајот од плодови на брусница, како и од нејзините листови, им се препорачуваат на деца и постари лица за зајакнување на одбранбените механизми на организмот. Научните откритија покажале дека кондензираните танини во брусницата го спречуваат влегувањето на бактерии во уринарниот тракт, бешиката и бубрезите, а сокот и чајот од брусница го спречуваат развојот на штетни микроорганизми. Со научни испитувања е докажана ефикасноста на брусницата во лекувањето на ваквите инфекции, но дури неодамна е утврдено како таа делува. Во истражувањето чија цел било да се расветли делувањето на хемиските состојки на брусницата на молекуларна основа, проф. д-р Тери Камесано од Институтот Ворчестер во сојузната држава Масачусетс открила хемиска комбинација која ја менува структурата на бактеријата escherichia colli, главниот причинител на инфекциите во уринарниот тракт. Брусницата го спречува врзувањето на оваа бактерија за бубрежните клетки и клетките на мочните канали.
Таа е ефикасна и во одбрана на организмот од штетните ефекти на слободните радикали бидејќи содржи антиоксиданси. Активните состојки во брусницата го смалуваат бројот на бактериите во усната празнина и со тоа го спречуваат создавањето на забните наслаги, главниот причинител на воспаление на гингивите.
Брусницата е богата со флавоноиди кои многу придонесуваат за заштита од артеросклероза, а делуваат превентивно и против појавата на срцеви заболувања. Многубројните истражувања потврдуваат дека брусницата е природен антибиотик, ја смалува гликозата во крвта, помага во обновата на клетките кои се задолжени за видот, ефикасна е за нормализација на функциите на црниот дроб и бубрезите.
Придонесот на брусницата за нашето здравје е навистина голем, а влијанието на различни други здравствени проблеми е такво, што со право можеме да ја сметаме за природен антибиотик.