Рубрика: Електроника
Наградени од "Претставете ги Вашите конструкторски вештини"
Автор: Слободан Таневски
Објавено на 29.01.2014 - 14:00

Како и минатата, така и оваа година, во јануари ги доделуваме наградите на нашиот конкурс “Претставете ги Вашите конструкторски вештини“. Ако за минатиот конкурс за презентација на самоградбите од наши читатели, изработени според проекти од ЕМИТЕР, сметавме дека не се јавија голем број учесници поради релативно кусиот период до крајот на годината, тогаш во овој, втор циклус на конкурсот, можеме да констатираме дека отсуството на голем број пријави се должи на неактивноста на нашите читатели. Ако се има предвид дека барем читателите-електроничари постојано бараат повеќе страници и проекти посветени на електрониката, секако дека очекувавме многу повеќе пријави од пристигнатите. Но како и да е, сепак добивме доволен број фотографии од квалитетно и убаво изработени проекти, така што жирито повторно беше на слатки маки кому да му ја додели наградата за најубаво изработен проект. Но и овојпат немаше проблеми кај наградата за најголем број изработени проекти, која повторно ја доби Јован Шикалоски од Охрид, кој немаше речиси никаква конкуренција во 2013. Работливиот Шикалоски за овој труд го наградуваме со едногодишна претплата на ЕМИТЕР. Наградата (годишна претплата на ЕМИТЕР) за најдобро изработен прект за 2013 г. ја доби Марјан Србиновски од Скопје за убаво изработениот проект "Подобрен ESR-метар" од ЕМИТЕР 10/2012 и 11/2012. Освен квалитетот, неговата изработка се одликува и со целосно редизајнирана плочка која сосема одговара на употребеното куќиште од Унимер 43 од Искра.

Наградените креации можат да се видат на следниве веб-локации:

https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=4165

https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=4188

https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=3050

https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=3782

https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=2878

https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=400

https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=1797

Им се заблагодаруваме на сите останати учесници кои беа вредни и ни испратија фотографии од своите самоградителски успеси. Веруваме дека објавувањето на нивното име покрај фотографиите од нивните изработени уреди на веб-страницата на ЕМИТЕР, на очиглед на сите посетители, се добра награда за нивниот труд. Се надеваме дека тоа ќе им даде поттик и на останатите читатели на ЕМИТЕР. Конкурсот "Претставете ги Вашите конструкторски вештини" и понатаму продолжува! Драги читатели, ја имате на располагање целата 2014 година за да ни испратите фотографии од вашите изработени уреди, но не чекајте, веднаш зафатете се со работа! Вашите фотографии ќе бидат објавени пред целата македонска јавност, потпишани со вашето име и презиме. Исто така, секој читател кој ќе ни достави фотографии, за секој изработен проект ќе биде награден со еден гратис примерок од претходните броеви на ЕМИТЕР по негов избор. За повеќе информации, погледнете на https://emiter.com.mk/vasi_proekti.

Се надеваме дека ваквиот начин на промовирање на самоградителите ќе ги поттикне и останатите читатели и ќе го подигне општото ниво на техничка култура во Македонија.

Клучни зборови: