За оние кои не знаат за што се работи, кои или го пропуштиле овој популарен научен серијал во 80-тите години или едноставно не биле тогаш ни родени, "Космос: Лично патување" беше документарец којшто го истражуваше универзумот, но и историјата на научните откритија. Темите, коишто во серијалот ги обработуваше легендата Карл Саган варираа во својата шареноликост, од обработки на делови од јапонскиот фолклор, преку разобличување на астрологијата, па сè до конечната судбина на ѕвездите и галаксиите што нè опкружуваат. Култниот серијал беше нешто што го инспирираше критичкото размислување во секој поглед и на суптилен начин бараше одговор на исконските прашања: кои сме, зошто сме и каде одиме?
Неодамна беше најавено враќање на овој документарен серијал на малите екрани, се разбира, во ново руво. Домаќин на новата верзија, која овојпат ќе се вика "Космос: Одисеја во времето и просторот", се очекува да биде уште една легенда, познатиот астрофизичар и космолог Нил Деграс Тајсон (Neil deGrasse Tyson). Емитувањето на првата епизода е закажано за март, на телевизијата Fox.
За време на тркалезната маса на стрип-конвенцијата Comic Con, која се одржа во Њујорк, во октомври минатата година, Тајсон објасни зошто е време за ново повторување на овој култен документарец од областа на астрономијата и на кој начин тој и неговиот тим од научници и забавувачи се надеваат дека подеднакво успешно ќе успеат да ја просветлат и да ја допрат новата генерација гледачи.
Продуценти на новиот серијал "Космос" ќе бидат Ен Друјан (Ann Druyan), вдовицата на Карл Саган, која беше продуцент и на оригиналната серија, Бренон Брага (Brannon Braga) продуцент на три серијали од научно-фантастичната сага "Ѕвездени патеки" и Мичел Кенолд (Mitchell Cannold), познат холивуски продуцент кој поседува и големо новинарско искуство. Извршен продуцент на серијалот е Сет Мекфарлан (Seth MacFarlane) којшто беше гласот на нараторот во оригиналната серија, а воедно и прв им предложи на Fox да го возобноват серијалот "Космос".
Извонредниот концепт на оригиналната серија кај гледачот предизвикуваше истовремено чувство на возбуда, воодушевување и вљубеност во чудесноста на космосот и природата. Како што изјави и Брага: "Науката може да ве трогне како и секоја друга приказна. Науката може да биде мошне интимно емотивно искуство. Религијата нема единствено право на чудесиите и мистеријата. Тие многу подобро функционираат во рамките на науката".
Засега е сигурно дека два елемента од оригиналот повторно ќе се појават и во возобновената серија: Вселенскиот брод на имагинацијата, којшто на Карл Саган му овозможуваше моментално да се движи низ времето и просторот; и драматизација на делови од животите на познатите научници низ историјата. Но, за разлика од оригиналот, во новиот серијал Вселенскиот брод на имагинацијата со помош на современата компјутерска графика ќе биде претставен како вистински вселенски брод, додека пак портретирањето на животите на научниците има голема веројатност да биде направено како анимација.
Дали новонајавениот серијал ќе успее да го досегне истото ниво на популарност, останува да почекаме.