Сатурновите прстени, гледани од Земјата со телескоп, се покажуваат како концентрични светли кругови, а шуплините помеѓу нив како темни обрачи. Од Земјата ние можеме да видиме само дел од прстените (A, B и C) коишто орбитираат помеѓу 7 000 и 80 000 km над екваторот на Сатурн. Меѓутоа, вселенските сонди детектирале уште неколку прстени пошироки од видливите, но, поради мала густина на материјалот од кој тие се составени, прстените се невидливи од Земјата.
Но, како изгледаат прстените коишто ги гледаме од Земјата, ако нив би ги гледале од површината на Сатурн? Сатурн е гасовита планета, па е невозможно некој вселенски уред да се спушти на неговата површина, и од таму да ги види неговите прстени. Сепак, некои сонди се приближиле до Сатурн и ги виделе прстените од релативно мало растојание. Првата таква сонда беше Пионер 11, која во 1979 год. прелета над Сатурновата површина и од таму ги фотографирала прстените. На изненадување, на фотографиите се покажала обратна слика од онаа што ние ја гледаме од Земјата; прстените се покажале темни, а шуплините помеѓу нив светли! Објаснување? Од Земјата ние ги гледаме прстените секогаш од онаа страна на нивната површина, којашто е осветлена од Сонцето. Меѓутоа, кога тие биле гледани од сондата, Сонцето и сондата биле од спротивните страни на рамнината на прстените, па Сончевите зраци поминувале низ шуплините и стасувале до сондата непридушени, и затоа шуплините се покажале посветли, додека од честичките од мраз во прстените Сончевите зраци се рефлектирале во различни насоки, и не стасувале до сондата, па прстените се покажале потемни.
Во најново време, гледани од камерата на сондата Касини, која сега орбитира околу Сатурн, прстените можат исто така да се покажуваат како слика во "негатив", под услов Сонцето и сондата да се од различни страни на рамнината во која лежат прстените. Еден таков негатив е покажан на сликата дадена во прилог. Големата темна прстенеста површина во составот на прстените е актуелниот прстен со каталошка ознака "B", кој гледан од Земјата изгледа најширок и најсветол, а светлите површини се шуплини помеѓу прстените, кои гледани од Земјата изгледаат темни.
А каков би бил изгледот на прстените кога тие би се гледале од самата површина на Сатурн, тоа исто така зависи од која страна на рамнината би ги гледале нив, и од која страна Сонцето нив ги осветлува во тој момент. Меѓутоа сигурно е дека во секој случај ќе ги гледаме како светли и темни прстенести површини, без оглед на тоа кои од нив се прстени, а кои се шуплини.