Рубрика: Астрономија и астронаутика
Сонцето го смени поларитетот на магнетното поле
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 02.01.2014 - 17:30

Уште пред неколку месеци, кон средината на годината што измина, од НАСА предупредија дека нешто големо ќе се случи со Сонцето. Имено, според мерењата направени тогаш од страна на две опсерватории на НАСА, беше најавено дека Сонцето е подготвено за промена на поларитетот на неговото огромно магнетно поле. Промената се случува на врвот од секој од сончевите циклуси, приближно на секои 11 години, кога внатрешното магнетно динамо на Сонцето се реорганизира.

Пресвртот што се случи на преминот од 2013-та во 2014-та година ја одбележи средината на Сончевиот циклус број 24. Ова значи дека половина од соларниот максимум е веќе зад нас. Уште на почетокот од декември, Шерер објасни дека северниот пол на Сонцето веќе го променил поларитетот и се очекуваше набрзо да се заврши и промената на јужниот пол. Иако звучи доволно бомбастично за да ви создаде слика во главата дека се работи за настан со катастрофални последици по галаксијата, во суштина се работи за нешто што редовно се случува, а ефектите од настанот се толку суптилни што ниту би ги забележале ако не предизвикуваа мали непријатности при извршувањето на вселенските мисии. Освен ова, промената на магнетното поле има влијание и на поларните светлини. Имено, појавата на Aurora Borealis и Aurora Australis во овој период се очекува да стане почеста, а географскиот појас во којшто тие можат да се забележат е поширок.

Процесот на промена на поларитетот беше бавен и стабилен, слично на промената на плимата и осеката. Секој мал бран носи малку повеќе вода, за на крајот да дојде до целосен пресврт. Сончевата опсерваторија Стенфорд Вилкокс е една од ретките опсерватории во светот што ја следи промената кај поларните магнетни полиња на Сонцето. Половите се предвесник на промените. Слично како што научниците ги набљудуваат поларните региони на Земјата, барајќи знаци за климатските промени, така и соларните физичари го набљудуваат овој дел од Сонцето барајќи промени во магнетното поле. Магнетограмите од опсерваторијата Вилкокс го следат поларниот магнетизам на Сонцето уште од 1976 година, период во којшто забележале три големи пресврти, не броејќи го последниов.

Соларниот физичар Фил Шерер, од Стенфорд, го даде следниот опис на процесот: "Поларното магнетно поле на Сонцето слабее, сè дури не достигне вредност нула, за потоа повторно да се појави со спротивен поларитет. Ова е редовен дел од сончевиот циклус."

Пресвртот во магнетното поле на Сонцето е буквално голем настан. Регионот на влијанието на магнетното поле на Сонцето (познат како хелиосфера) се протега милијарди километри подалеку од Плутон. Промените во поларитетот се простираат сè до сондите Војаџер, на прагот од меѓуѕвездениот простор. Кога соларните физичари зборуваат за поларен пресврт на Сонцето, нивниот разговор често се фокусира на т.н. електрична обвивка. Електричната обвивка извира од Сончевиот екватор, каде што бавната ротирација на сончевото магнетно поле создава електрична струја. Самата струја е со мала јачина, едвам десет милијардити дел од еден ампер на еден метар квадратен (0,0000000001 A/m2), но ја има во изобилство: струјата тече низ регион со дебелина од 10 000 km и широчина од милијарди километри.

Во поглед на електричната струја, целата хелиосфера е организирана околу оваа огромна обвивка. За време на пресвртот на полето, електричната обвивка станува многу брановидна. Како што Земјата кружи околу Сонцето, ние влегуваме и излегуваме од електричната обвивка. Преминот од едната на другата страна може да создаде "вселенска" бура околу нашата планета. Состојбата влијае и на космичките зраци, кои претставуваат високоенергетски честички забрзани речиси до брзината на светлината, резултат на експлозии на супернови но и од други насилни настани во нашата галаксија. Космичките зраци претставуваат опасност за астронаутите и вселенските сонди, а некои научници тврдат дека тие можат да влијаат на облачноста и на климата на Земјата. Електричната обвивка делува како бариера од космичките зраци, одбивајќи ги на нивниот пат кон внатрешноста на Сончевиот систем. Брановидната, збрчкана обвивка делува како подобар штит од овие енергетски честички од длабоката вселена.

Дваесет и четвртиот соларен циклус се смета за мошне непредвидлив. Најнапред, неговиот почеток доцнеше за речиси една година, при што во 2009 година беше забележана исклучително ниска соларна активност. Ова предизвика астрономите да го поместат очекувањето за достигнување на врвот на овој циклус од 2012 година за 2013 година. Научниците велат дека овој циклус засега е меѓу најслабите досега следени Сончеви циклуси и ако овој тренд продолжи, Земјата би можела да се најде пред уште едно мини ледено доба.

Клучни зборови: