Кромидот сигурно ќе измами некоја солза од вашето око и ќе остави непријатен здив во устата, но дефинитивно ќе го снабди вашиот организам со вредни хранливи материи. Од дамнина кромидот е омилена состојка во специјалитетите на светските кујни. Во Азија и на Блискиот Исток се одгледува повеќе од 5000 години. Особено се ценел во Египет, каде што, освен за исхрана, се користел и како платежно средство, а имал и спиритуална вредност. Египќаните кромидот го ставале во гробниците на кралевите за тие како подарок да го понесат во задгробниот живот. Во почетокот на 6. век во Индија се користел во терапевтски цели, а Грците и Римјаните го користеле како зачин. Во средниот век кромидот бил речиси незаменлив зеленчук во кујните на многу европски народи, а често се сервирал и за појадок како здрав продукт.
Повеќето активни компоненти во кромидот се сулфурни материи, на пример, алил пропил дисулфид, компонента на која може да и заблагодариме за карактеристичниот мирис и вкус, потоа флавоноидите, особено кверцетин. Кромидот е добар извор на витамин Ц и на хром. Всушност, тие се одговорни за благотворното дејство на кромидот врз здравјето. Исто како и лукот, и кромидот го одржува здравјето на срцето и на крвоносниот систем. Ова е резултат на дејството на активните материи за кои се верува дека помагаат за намалување на зголеменото ниво на холестерол и на хомоцистеин во крвта и за намалување на зголемениот крвен притисок, кој е водечки фактор на ризик за развој на болести на срцето и на крвоносниот систем.
Кромидот од дамнина е познат и е признат антибиотик и антипиретик. Овие својства се резултат на синергетското дејство на витаминот Ц, на кверцетинот и на изотиоцијанатите присутни во кромидот, поради што тој е особено препорачлив продукт при грип и настинка. Неколку студии го докажале антибиотското и антипиретичкото дејство на кромидот во олеснување на симптомите на ревматидниот артритис, алергискиот ринитис и астмата. Кромидот се препорачува и во исхраната на дијабетичарите. Се претпоставува дека компонентата на кромидот – пропил дисулфидот, предизвикува намалување на нивото на гликоза во крвта, зголемувајќи го количеството достапен слободен инсулин. Алил пропил дисулфидот и инсулинот имаат извесна сличност во хемиската структура. Резултатот е повеќе слободен инсулин кој ја пренесува гликозата во клетките и последично ја намалува гликозата во крвта. Кромидот е добар извор на хром, минерал кој помага во одржување на нормалното ниво на гликоза во крвта.
Постојаното јадење кромид, барем двапати неделно, се поврзува со значајно намалување на ризикот од развој на рак на цревата. Флавоноидите на кромидот, во прв ред кверцентинот, во опитите спроведени на животни, го спречиле растот на туморот и го спречиле оштетувањето на клетките во цревата што води кон создавање лезии во ткивата и до развој на тумор.
Според истражувањата на американските научници, колку кромидот има појак мирис, толку повеќе е здрав и е побогат со антиоксиданси. Со испитување на екстракт од 10 вида свеж кромид, откриено е дека оние видови кромид што имаат најјак вкус, имаат и најсилна антиоксидативна активност, а со тоа и подобра способност за уништување на слободните радикали за кои се смета дека го зголемуваат ризикот од различни болести, особено од карцином.
При купување, внимавајте кромидот да биде чист, добро обликуван, без оштетувања и со сува лушпа. Кромидот треба да се чува на собна температура, подалеку од светлина.