Дипломираните студенти Апурва Киран и Роберт МекКарди од Универзитетот "Корнел" успеаја да направат функционален звучник со помош на 3Д печатач. Она што е значајно за овој дизајн е дека се работи за конвенционален електродинамички звучник. Тоа значи дека не се испечатени само рамката и конусот туку и калемот и магнетот.
За нивниот проект тие го употребиле 3Д-печатачот Fab@Homes, којшто претставува прилагодлив уред за истражувања, примарно развиен од страна на професорот Ход Липсон и членот на лабораторијата Иван Мелоун. Печатачот на истражувачите им нуди можност за употреба на различни материјали како "тонери", но и да направат промена во софтеверот на печатачот, прилагодувајќи го на своите потреби. За потребите на проектот, како тонер е употребен сребрен филамент за печатење на калемот, додека за печатење на магнетот била употребена вискозна мешавина од стронциум ферит којашто била развиена со помош на Саманваја Сривастава, дипломиран студент во областа на хемиски и биомолекуларен инженеринг.
Предложениот дизајн се состои од само два дела, кои испечатени се вклопуваат еден во друг за да се добие звучникот. Притоа Киран објаснува: "Самиот звучник е релативно едноставен објект; Се состои од пластично куќиште, спроводен калем и магнет. Предизвикот беше да се добие работен дизајн и да се употребат соодветни материјали кои ќе можат да се исфабрикуваат во функционална форма".