Планетарните научници го идентификуваа засега најголемиот тврд објект во Сончевиот систем којшто би можел да плива на површина од вода. Мерењата на густината на објектот беа објавени во списанието The Astrophysical Journal Letters, од страна на планетарниот научник Мајкл Браун од Калифорнискиот технолошки институт во Пасадена.
Телото со ознака 2002 UX25 се наоѓа во Кајперовиот појас, зад орбитата на Нептун, којшто е резервоар на џуџести планети, комети и помали смрзнати тела. Малата густина и големината на објектот со пречник од 650 km се во спротивност со сегашниот водечки модел за формација на големи цврсти тела во Кајперовиот појас и, општо, во Сончевиот систем. Со оглед на тоа што објектите во Кајперовиот појас претрпеле многу мали промени од создавањето на Сончевиот систем, регионот нуди најдобра можност да се разбере како се одвивале раните фази од формирањето на планетите.
Според водечкиот модел, мали честички од прав во дискот околу младото Сонце постојано се судирале и се спојувале формирајќи сè поголеми честички. Со овој процес конечно се создале џуџестите планети во Кајперовиот појас, како Плутон на пример, но истовремено се создале и Земјата, како и другите карпести планети од внатрешниот Сончев систем.
Доколку големите тела во Кајперовиот појас се создале со спојување на помали, густината на малите и големите тела треба да е приближно иста. Но, се чини дека сите објекти во Кајперовиот појас со дијаметар помал од 350 km имаат помала густина од таа на водата, додека пак, телата со пречник поголем од 800 km се чини дека се погусти.
Едно можно објаснување на несогласувањето во густините е дека помалите објекти се попорозни додека, пак, посилната гравитација на поголемите објекти ги "спакувала" поблиску мразот и карпестиот материјал, создавајќи структури со поголема густина. Но, за ова сценарио да биде точно, потребно е телата со средна големина и со пречник од околу 600 km да имаат густина којашто е помеѓу онаа на помалите и поголемите објекти.
На оваа теза и пркоси првиот објект со средна големина во Кајперовиот појас, чијашто густина била измерена – објектот 2002 UX25, којшто се смета за типичен претставник на телата со слична големина. Според мерењата направени со неколку вселенски и терестријални телескопи, објектот има густина од 0,82 g/cm3, што е 18% помала густина од онаа на водата. Малата густина укажува на тоа дека 2002 UX25 се состои воглавно од мраз, што не се совпаѓа со сфаќањето како поголемите карпести објекти можеле да се формираат во Кајперовиот појас.
Една алтернативна теорија предложена од Јудин и неговите колеги може да го објасни ова. Според неговата теорија, големите објекти во Кајперовиот појас се формирале први. Судирите помеѓу овие големи објекти ги поткршувале нивните ледени надворешни површини формирајќи ги, на овој начин, помалите тела со пониска густина во Кајперовиот појас и оставајќи ги зад себе поголемите тела кои се составени претежно од карпи.
За да ја потврдат оваа теорија, научниците ќе треба да ја измерат густината на повеќе објекти од Кајперовиот појас кои се со приближно иста големина како објектот 2002 UX25. Но, ако се утврди несовпаѓање, мистеријата на ниската густина на овој објект секако, ќе биде, предмет на понатамошни проучувања.