Кога ќе се спомене зимата, кај многумина се јавуваат асоцијации за празници, дружење, релаксација, зимска романтика..., но и за снег, студ, скршеници... Според познавачите на нештата поврзани со здравјето, постојат и други опасности. Кои се тие и како да се заштитите од нив, прочитајте во текстов.
Повишен холестерол Во зима се зголемува нивото на лошиот холестерол – повеќе масна храна, колачи, недвижење... Како и да е, и која и да е причината, нивото на лошиот холестерол се зголемува за 4-5 % во однос на месец јули, а тоа е незанемарливо. Совет: Јадете храна богата со растителни влакна како што се, на пример, овесните трици, портокал, боранија и друго. Со ваквата исхрана можете да го намалите ризикот и до 15 %. Исто така, движете се за да ги согорите калориите, односно мастите што сте ги внеле.
Хипотермија Се разбира дека никој нема свесно и намерно да шета надвор лесно облечен, но истражувањата покажуваат дека луѓето многу често излегуваат на студ несоодветно облечени, поради температурните промени! Лесно облечени можете да изгубите многу од телесната температура, што доведува до нарушување на некои важни функции во организмот, а не само до неконтролирано тресење на телото и вилиците. Хипотермијата е опасна, а може да биде и фатална! Совет: Секогаш облекувајте се во облека во "слоеви". Така можете да си одземате и да си додавате облека, па нема ниту да се испотите, ниту да ви студи. Ако одите на прошетка во планина или по виулица, секогаш носете со себе и ќебе, дури и ако одите со автомобил, бидејќи и тој може да се заглави. Секогаш имајте на ум дека смрзнување на некој дел од телото може да настане многу, многу брзо!
Срцев напад и мозочен удар од расчистување снег Истражувањата покажуваат дека многу често се јавува таканаречениот "срцев напад и мозочен удар од расчистување снег". Податоците велат дека во зима ризикот од мозочни удари и срцеви напади се искачува за околку 12%, како резултат на покачувањето на крвниот притисок предизвикано од напорот да одите стабилно по патеката што се лизга, но и поради непромислената желба што побргу да ја исчистите патеката, дури побрзо отколку вашиот сосед. Ова доведува до преоптоварување, кое може да доведе до срцев напад или мозочен удар. Совет: Не брзајте и правете чести паузи. Ова особено е битно за хроничните болни и за постарите. Не преполнувајте ја лопатата со снег. Не влегувајте често внатре за да се згреете. Здружени, се фатални наглите температурни промени и заморот!
Чести настинки и грип Ниските температури и ниската влажност се омилени временски услови за вирусите на инфлуенца. За да се спасите од грипот, често мијте ги рацете или бришете ги со дезинфекциско средство ако не сте дома. Избегнувајте места каде што престојуваат поголем број луѓе, прегреани и непроветрени простории, фармерки што ја оставаат половината гола... Исто така, 1000 IU витамин D3 дневно за 50% ќе го намали ризикот да заболите од грип. Ако сепак се разболите или настинете, не брзајте со антибиотиците. Обидете се со чаеви, супа од кокошка, лимон, лук, лути пиперки... и одморајте. Спијте најмалку 8 часа.
Зимска депресија Кусите денови, долгите ноќи и сиромашната водникава сончева светлина може да ви создадат чувство на тага и апатија. "Вакцината" против оваа состојба е многу едноставна и ефикасна: куси прошетки кога сонцето е најсилно. Прошетката што трае само половина час дневно може да ја спречи или да ја намали депресијата. Редовно шетајте заедно со некој пријател, другар, другарка. Во друштво е поубаво, но и еден на друг ќе си помагате за да не се откажете од прошетката. Ако можете, јадете една банана дневно. Помага и да ги вклучите сите светилки во станот или да ви свети една појака светилка што свети со сина светлина! И на крајот, имајте на ум дека по зимата иде пролетта со сета своја убавина. Дочекајте ја со радост!