Рубрика: Енергетика
Недела на енергетска ефикасност во Општина Карпош
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 27.11.2013 - 14:28

Од 25.11.2013 година до 29.11.2013 година општина Карпош организира "Недела на енергетска ефикасност". Манифестацијата започна во понеделникот со отворање на изложба во 10 часот во Кинотеката на Македонија (Т.Ц. Лептокарија), кога на присутните им се обрати градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски, по што свои обраќања имаа и претставниците од ЗЕЛС, Министерството за економија, Град Скопје, Агенцијата за енергетика, ГИЗ, УНДП, Хабитат и од ЦеПросард. Потоа раководителот на одделението за енергетска ефикасност при општина Карпош, Љупчо Димов, ги презентираше планираните проекти од Програмата за енергетска ефикасност за локалната самоуправа од периодот 2013-2015 година.
Од Топлификација инженеринг беа презентирани проектите за гасификација на општина Карпош, Одделенито за животна средина имаше своја презентација на тема "Отпадот како енергија", додека Креативниот тим Карпош проговори за значењето на Енергетската ефикасност во резиденцијалниот сектор, а архитектот Снежана Јовановска презентираше дел од нејзиниот магистерски труд со тема "Енергетската ефикасност како пристап во урбанистички планирања".
Вториот ден беше ден за трибина под модераторство на Елена Виларова Велковска и повеќе презентации на тема Заштеда на енергија и обновливи извори, по што беа доделени благодарници и плакети.
Денес повторно во Кинотека на Македонија имаше трибина под модераторство на проф. д-р Маргарита Гиновска по што следеа и ќе следат неколку предавања за на крај денот да се затвори со презентациите подготвени од Машинскиот факултет на тема Енергетска ефикасност и Обновливи извори на енергија.
Утре настаните се селат во Дипломатик салата на Скопски саем. Во 10 часот е планирана трибина под модераторство на Илија Саздовски на која свое обраќање ќе имаат градоначалникот на Општина Карпош Стевче Јакимовски, градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, по што Дубравка Бошњак ќе говори на тема "Мрежа на енергетско ефикасни главни градови". Планирани се и претставување на СЕАП програмата, информирање за нејзиното спроведување во Град Скопје и искуствата од нејзината примена во Загреб. За крај ќе се одржи панел дискусија за финансирање на проекти за енергетска ефикасност чиј модератор ќе биде проф. д-р Константин Димитров.
Во 13 часот е планирана трибина на која ќе се говори за: можностите за финансирање и проектен менаџмент во енергетскиот сектор преку моделот на јавно-приватно партнерство; искуствата од користењето на ESCO и EPC моделите – проекти за искористување на биомаса; можностите за финансирање во енергетска ефикасност, финансирање на ЕЕ проекти во рамките на имплементацијата на GEF WB проектот од страна на Агенцијата за поддршка на претприемништвото; финанскиските производи на ХАЛК Банка за поддршка на проекти за EE и ГГФ фондот. По ова ќе следи дискусија .
За петок, повторно во просториите на Кинотека на Македонија, е планирана трибината Презентација на тема Мерки за енергетска ефикасност во градежниот сектор, под модераторство на Светлана Петровска. Во овој дел ќе биде презентиран и новиот Правилник за енергетски ефикасни карактеристики на згради од страна на Министерството за економија. Од другите теми издвојуваме: "Енергетски ефикасни мерки во колективното домување во Македонија"; "Термоизолациони материјали во градежништвото"; "Термофасади, материјали и нивна правилна изведба"; "Енергетски сценарија до 2050 година, како да се намалат емисиите во Македонија"; и секако, излагањето на нашиот соработник, д-р Петар Николовски со тема "Проектирање на нискоенергетски пасивни и нула енергетски згради".
Некаде околу 15 часот трибината ќе биде затворена со што и ќе се заврши манифестацијата "Недела на енергетска ефикасност".

Повеќе за настанот на страната на Општина Карпош