Патувањето на една комета низ Сончевиот систем е исполнето со опасности. Огромното исфрлање на соларен материјал од Сонцето може да и ја откине опашката. Уште пред да стигне до Марс - на нешто помалку од 230 милиони километри оддалеченост од Сонцето – зрачењето на Сонцето започнува да ја изврива водата од составот на кометата, што е прв чекор кон нејзиното распаѓање. Ако го преживее сето ова, интензивната радијација и притисок која таа ги претрпува при нејзиното поминување блиску до Сонцето би можеле целосно да ја уништат.
Токму сега, кометата Исон е на оваа патека. Таа го започна нејзиниот пат од Ортовиот облак и сега е сè поблиску до Сонцето. Кометата ќе биде најблиску до него во четврток, 28 ноември, на нешто помалку од 1,18 милиони километри над површината на Сонцето. Доколку го заврти кругот околу Сонцето без да се распадне, во наредните два месеца кометата ќе биде неодоливо сјајна и непогрешлива за наоѓање на ноќното небо од северната хемисфера, каде што се наоѓаме и ние. Во моментов со голо око, дурбин или телескоп побарајте ја во раните утрински часови во правец на југоисток.
Каталогизирана како C/2012 S1, кометата Исон за прв пат беше забележана во септември 2012 година при оддалеченост од околу 95 милиони километри. Ова е нејзино прво поминување околу Сонцето и нејзините надворешни слоеви никогаш претходноš не биле изабени од патот кој води покрај Сонцето. Ова значи дека во нејзиниот состав сè уште преовладува недопрен материјал од најраните моменти на формирањето на Сончевиот систем. Токму поради ова голем дел од набљудувачките капацитети на НАСА се насочени кон оваа комета. Дури и ако кометата не го преживее нејзиното патување следењето ќе им помогне на научниците да дознаат повеќе за нејзиниот состав, за тоа како таа реагира на околината, но и да дознаат нешто повеќе за потеклото на Сончевиот систем како и за самото Сонце.
Нешто повеќе за оваа комета, нарекувана уште и комета на векот, во декемврискиот број на ЕМИТЕР. Во меѓувреме ви нудиме една незаборавна фотографија направена на 21-ви ноември од страна на астрономот Хуан Карлос Касадо од опсерваторијата Теиде во Тенерифе, на Канарските Острови. Фотографијата е направена во мугрите, кога кометата е видлива од нашата хемисфера со употреба на SLR фотоапарат со телеобјектив (со f:85 mm) поставен на статив, при експозиција од 6 секунди.
Да се надеваме дека кометата ќе преживее и ќе имаме можност да уживаме во сета нејзина убавина во ретките декемвриски ведри ноќи ;)