Признанието "Најдобар млад научник" го доделува Претседателот на Република Македонија, како поттик на младата научна и истражувачка мисла во Република Македонија.
Јавниот повик ги опфаќа сите лица што во тековната календарска година навршиле најмногу 30 години, а кои во досегашната научна работа имаат постигнато научни резултати што придонесуваат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат.
Услови за конкурирање:
• добиена меѓународна награда за научно-истражувачка дејност,
• добиено меѓународно признание за научно-истражувачка дејност,
• добиено домашна награда за научно-истражувачка дејност,
• добиено домашно признание за научно-истражувачка дејност,
• објавени резултати од научно истражување во релевантно меѓународно списание,
• објавени резултати од научно истражување во релевантно домашно списание,
• применетост на резултатите од научното истражување.
Доказ за исполнување на еден или повеќе од условите:
• Биографија
• Реализирани проекти во 2013 година со кои конкурираат,
• Доказ за државјанство на Република Македонија
Материјалите да се достават во еден печатен и еден електронски примерок (CD).
Право на учество имаат сите граѓани на Република Македонија кои ги исполнуваат условите за конкурирање.
Документите да се достават до Кабинетот на Претседателот на Република Македонија најдоцна до 31.12.2013 година на адреса:
Кабинет на Претседателот на Република Македонија
Комисија за "Најдобар млад научник"
"Вила Водно" – ул. Ацо Караманов, 33А
МК-1000 Скопје
Поренешни добитници на ова признание се:
• М-р Никола Златанов за 2010 година, кој во оваа прилика изјави: "Кога една страна, дали академската или општествената, ќе почне да ја стимулира другата, ќе се развие еден повратен процес со меѓусебно стимулирање и надополнување. Но, некој мора да почне - или општеството со понуда на квалитетни услови за истражувања, или истражувачите кои преку својот ентузијазам ќе бидат иницијална каписла за забрзан општествен развој."
• Д-р Трифче Сандев за 2011 година, кој рече: "Оваа награда ме прави среќен и задоволен бидејќи претставува потврда за квалитетот на мојата досегашна работа и нејзиното значење за државата, но уште повеќе ме поттикнува и обврзува да продолжам да давам сè од себе и понатаму да придонесувам за промоција на научните истражувања од Република Македонија. Само со посветеност на младите кон науката и стимулирање за нивните резултати и достигнувања, ќе се соочуваме со предизвиците што ги носи новото време."
и
• М-р Катерина Бачева за 2012 година: "Да се добие едно вакво признание од Претседателот на државата, за еден млад човек кој се наоѓа на самиот почеток од својата научноистражувачка кариера, е од огромно значење. Тоа ме поттикнува да продолжам и понатаму поинтензивно да се занимавам со наука и да дадам придонес во научните истражувања во Република Македонија."