Глетката во која амазонските пеперутки летаат околу главата на речните желки во амазонските шуми воопшто не е ретка и необична, но причината за ова е навистина чудна: пеперутките слетуваат и ги пијат солзите на желките!
"Пеперутките ги пијат солзите на желките затоа што содржат сол, односно натриум, минерал кој го има многу малку во западните амазонски прашуми", – вели Фил Торес (Phil Torres), научник од Универзитетот Рајс, кој го истражувал овој редок феномен.
"За разлика од пеперутките, желките добиваат натриум од својата исхрана. Но, солзите на желките не се единствени од кои пеперутките земаат сол. Тие исто така земаат сол од калливите реки, потта и од урината на некои животни итн", – додава Џоф Галис (Geoff Gallice), студент на ентомологија.
Овие подрачја се многу сиромашни со натриум и сол затоа што се мошне оддалечени од Атлантскиот Океан, кој е главен извор на овој минерал, а и поради Андите кои ги сопираат честичките на натриум што ги носи ветерот.
Се поставува прашањето дали пеперутките им пречат на желките? Освен што им пречат при гледањето на околината и не можат да им избегаат на оние што ги ловат, односно јадат, други пречки желките немаат. Галис тврди дека, за среќа, желките многу "плачат" и произведуваат доволно солзи за да го обезбедат опстанокот на пеперутките.
Недостатокот на сол во овие подрачја принудува и други животни на необично однесување. Така, на пример, папагалите лижат глина за да се снабдат со натриум, но и со некои други минерали. Од истата причина некои видови мајмуни со сласт јадат земја. Што се однесува до пеперутките, Торес смета дека тие во очите на желките можеби бараат и нешто друго, но тоа мора да се истражи.
Овој феномен на пиење солзи го нема во други краеви на Земјината топка. Дека се работи за уникатен случај, се сложуваат и други истражувачи.
"Проучувам желки веќе 50 години, од северните делови на САД до Мексико – никаде не сум забележал пеперутки да пијат солзи од желки", – вели истражувачот од Националниот институт за истражувања во подрачјето на Амазон (National Institute of Amazonian Research во Бразил), Ричард Вогт (Richard C. Vogt).