Денешните безжични мрежи користат рутери кои пренесуваат податоци со помош на радиобранови, вообичаено со брзина од неколику стотина мегабити во секунда. Неколку години од сега, рутерите би можеле да користат LED диоди, а праќањето податоци би било со десетпати поголема брзина, и тоа за помала цена, тврдат повеќе тимови на истражувачи кои работеле независно.
Истражувачи од Велика Британја покажале технологија со уред кој пренесува податоци со помош на треперливата светлина од LED диодите, со брзина од 10 гигабити во секунда. Проектот е наречен Ултрапаралелна видлива светлосна комуникација (UP-VLC). Бил испробан помеѓу неколку британски универзитети и некои делови од британската Влада.
Инаку, како што е познато, со години инженерите го истражуваат користењето на светлината како медиум за пренос на податоци бидејќи оваа технологија нуди непречен проток на податоци по повеќе канали. Новиот вид комуникација е резултат на истражувањето за решавање на проблемот којшто се јавува во ситуации кога голем број луѓе се обидуваат да имаат пристап на иста мрежа за праќање информации, на пример, таква ситуација има кога се одржуваат големи конференции, по чие завршување сите сакаат да испратат извештај. Сега за сега, во вакви ситуации, кога просторијата е полна со луѓе што се обидуваат да пристапат преку Wi-Fi врска во исто време, нивната заедничка употреба на ист безжичен рутер ја забавува интернет-врската. Со користење на LED диоди би имало многу помалку пречки во комуникацијата, и пристапот би бил побрз, тврдат истражувачите.
LED диодата дава светлина која може да го менува интензитетот милион пати во секунда. Овој податок е искористен во новата светлосна комуникација, бидејќи ова истото се случува и кај безжичните рутери, но не со видлива светлина, туку со радиобранови и побавно. Со цел дополнително да се подобри носивоста на податоци, податоците биле пренесувани со помош на три различни бранови должини на светлината: црвената, сината и зелената. Секој канал носел 3,5 гигабити податоци во секунда.
На оваа проблематика работеле и истражувачите од Германскиот институт во Франкфурт и дошле до податок дека е можен пренос на податоци базиран на светлина од LED диода со брзина од
3 гигабити во секунда. Независно од овие два тима, до слични заклучоци дошле и кинески и американски научни тимови.
Но, како кај секоја нова технологија, и овде се јавуваат проблеми кои треба да се решат пред таа технологија да влезе во редовно производство.
Поширок напис за бежичната комуникација со помош на светлина во ноемврискиот број на ЕМИТЕР.