Благодарение на претставниците на Интел во Македонија, Емитер имаше чест да присутвува на два извонредени настани кои даваат увид во иднината на новите технологии. Во почетокот на оваа недела во Ница, Франција, се одржаа Истражувања во Интел Европа (Research@Intel) и Интеловата конференција за европски истражувања и иновации (Intel Europen Research and Innovation Conference).
Двата настани обединуваат околу 300 развојни инженери, истражувачи, професори и научници кои се вклучени во иновативната работа на Интел. На стручните сесии наменети за луѓето кои работат во развојниот оддел на Интел стана збор, пред сè, за одржливата технологија, односно "зелените" технолошките решенија на иднината.
Настаните со пригодни говори ги отвори Мартин Карли, директор на Интел Лабс, Европа, кој ја нагласи целта за промоција на промоција на европски екосистем за истражувања и иновации од светска класа, кој е фокусиран на соработката при истражувањата и иновациите во едукативната сфера, претприемништвото и стандардизацијата.
По овој протоколарен дел следеа стручните сесии на кои сите вклучени во создавањето на паметно, одржливо и инклузивно општество со партнерство во истражувањата и иновацијата, како што впрочем беше темата на овој настан, имаа можност да подлабока размена на мислења и искуства.
На овие сесии стана збор за суперкомпјутерите и нивната примена во дата центрите и улогата во справувањето со огромниот број на податоци кои се користат денес во разните истражувања, но и при секојдневните потреби на интернетот на нештата. Неодамна претставената соработка со Ардуино исто така беше ставена во фокус кога се зборуваше за иновацијата денес, олеснувањата при остварувањето на иновативните идеи при развојот на производи со употребата на развојни плочи како Галилео итн.
За време на двата настани беа организирани и демонстрации на технологии во развој и презентации на неколку истражувачки проекти. Воглавно беа претставени проекти од областа на "паметните" градови, интернетот на нештата и зелена ИТ технологија. Така беа претставени идеите за синхронизација при потрошувачката на електрична енергија во градовите со цел да се постигне подобра искористеност на енергенсот, но истовремено и поквалитетна и постабилна мрежа. Но, исто така можеа да се видат и практични решенија за подобар квалитет на звукот кај мобилната телефонија, подобар видеостриминг преку мобилните мрежи, беше демонстрирана и моќноста на новите процесори за паметни телефони при справувањето со повеќе апликации одеднаш кои прилично го оптоваруваат системот, итн. Голем дел од проектите веќе се во тест-фаза така што ќе може наскоро и да се види и нивната практична примена. Еден од нив е и проектот Одржливи интелигентни градови, кој е во тест фаза во Даблин, Ирска. Се работи за проект во кој технологијата на Интел се користи за поврзување на граѓаните во една заедничка комунална мрежа преку нивните мобилни телефони. Граѓаните преку телефонска апликација пријавуваат проблем до градските власти, како, на пример, оставање на ѓубре на несоодветно место. За ова тие се наградени со поени кои може потоа да ги искористат на пример за одредени број часови на паркинг или слично. Градските власти на овој начин добиваат побрза комуникација со граѓаните и можат побрзо да одговорат на нивните проблеми. Од прва рака можевме да дознаеме и за CityWatch програмата претставена на ИДФ годинава, а која исто така се применува во делови од Даблин. Во склоп на неа со сензори се следи нивото на вода на коловозот при врнежи, за потоа автоматски да се пренасочи сообраќајот далеку од високиот прилив при поплави.
Како посебен "деликатес" на новинарите им беше дадена и ексклузивна можност да ѕирнат во внатрешноста на лабораториите на истражувачкиот оддел на Интел сместени во технолошкиот парк Софија Антиполис во близина на Антиб.
Повеќе за настаните ќе може да дознаете во наредниот број на ЕМИТЕР, каде ќе биде презентиран поопширен извештај од овие случувања.