Војната го поттикнала создавањето на сложени социјални институции како што се религиите и бирократиите, се тврди во едно истражување. Притоа, институциите помогнале во одржување на стабилноста кај големите и етнички мешани рани општества. Авторите на студијата коишто ги тестирале нивните теории со симулации и ги споредиле резултатите со историски податоци, откриле дека империите се раѓаат како одговор на притисокот од војните помеѓу малите држави.
Питер Турчин (Peter Turchin) од Универзитетот на Конектикат во Сторс, заедно со неговите колеги сакале да разберат зошто институциите биле во подем кога трошоците за нивното градење и одржување биле најголеми. Според симулацискиот модел, тие се ширеле бидејќи им помагале на општествата меѓусебно да си конкурираат. Резултатите од истражувањето се објавени во Proceedings of the National Academy of Sciences.
Тимот се насочил кон дел од светската историја кога конкуренцијата била најжестока – Африка и Евроазија помеѓу 1500 г. п.н.е и 1500 г. од н.е. Во првиот милениум пред новата ера номадите од евроазиските степи ја измислиле стрелата за коњаничка употреба, што се смета за најефективното проектилно оружје сè до откритието на барутот. Како што се ширела оваа технологија, еволуирајќи со употреба на кочии и коњица, конфликтите добиле на интензитет.
Парадирање со воениот плен, прикажано на Трајановиот столб во Рим
Научниците развиле модел во кој Африка и Евроазија биле поделени во мрежа од ќелии од кои секоја опфаќала по 100 km2. Секоја од ќелиите била сортирана имајќи ги предвид типот на пределот, надморската височина и присуството на земјоделски активности – бидејќи првите нации во суштина биле земјоделски. На почетокот од симулацијата, секоја од аграрните ќелии била населена со независна држава, додека граничните држави помеѓу аграрните општества и степите биле посеани со воена технологија. Тимот симулирал ширење на оваа технологија и ги набљудувал ефектите од интензитетот на воените дејствија и развојот на социјалните институции.
Турчин признава дека државите се натпреваруваат на повеќе начини, а не само со војна, но вели дека иако неговиот модел е едноставен, тој ги предвидел историските подеми на империите во регионот со точност од 65%. Процентот на точност паѓал на 16% доколку во симулацијата била исклучена опцијата за ширење на воената технологија. Исто така, моделот покажал дека распадот на империите водел кон разнебитување на институциите.
"Со падот на Римското царство, писменоста речиси исчезнала, бидејќи малите државички кои останале немале потреба од писмена бирократија" – вели Турчин.
Турчин се залага за систематски пристап кон историјата во кој се тестираат хипотези наспрема огромното количество податоци. Овој пристап тој го нарекува клиодинамика, според Клео, старогрчката муза на историјата. Засега научниците-историографи и експертите за стари цивилизации се со поделени мислења. Додека едни сметаат дека Турчин се обидува да препознае шеми со употреба на премалку податоци, други го сметаат неговото истражување за чекор во вистинска насока којшто отвора можности за развој на нов пристап кон посматрањето на развојот на општествата и цивилизациите.