Рубрика: Астрономија и астронаутика
Јупитеровата вулкански екстремно активна месечина
Автор: Петар Лагудин
Објавено на 09.10.2013 - 10:34

Месечината Јо (Io), најблиска до Јупитер од четирите т.н. Галилееви месечини, има посебна особеност во Сончевиот систем; таа е тело со екстремно голема вулканска активност, со повеќе од 400 активни вулкани. Перманентниот излив на лава предизвикува нејзината површина постојано да се преобразува. На сликата дадена во прилог го гледаме изгледот на површина од нејзината половина што е трајно свртена кон Јупитер, исто како Месечината кон Земјата. Фотографијата е компонирана според податоци испратени од вселенската сонда на НАСА, Галилео, која имаше неколку блиски средби со Јо во годините помеѓу 1990 и 2000-тата. Боите на фотографијата се вештачки потенцирани за да се истакнат деталите на површината.
На сликата се забележува отсуството на кратери од удар на астероиди, што укажува на тоа дека површината на Јо перманентно се препокрива со нови наслаги од лава и вулканска прашина многу побргу отколку што изнесува фреквенцијата на судирите со астероиди. Објаснувањето за оваа невообичаено голема вулканска активност е презагревањето на внатрешните слоеви на Јо, па тие избиваат на површината во вид на вулкани. Енергетскиот извор на тоа презагревање се плимите и осеките во внатрешната структура на Јо, предизвикани од гравитациското дејство на најблиските месечини Европа и Ганимед, и на гасовитиот џин Јупитер (маса 318 пати поголема од масата на Земјата). Имено, орбитирајќи околу Јупитер со период од 42,5 часа, Јо периодично се доближува на минимално растојание до соседните месечини, и тоа до Европа на секоја втора негова обиколка, а до Ганимед на секоја четврта обиколка. При тие блиски средби доаѓа до гравитациска резонанца помеѓу Ио и Европа, односно Јо и Ганимед, а резултатот е перманентна периодична промена на екцентричноста на орбитата на Јо околу Јупитер. Оваа периодична промена на екцентричноста доведува до перманентна периодична промена на гравитациското дејство на Јупитер врз Јо, а тоа предизвикува фрикција (триење) помеѓу слоевите во внатрешноста на Јо, па така доаѓа до нивно загревање и до нивно избивање на површината.
Инаку, месечината Јо, заедно со останатите најголеми Јупитерови сателити: Европа, Ганимед и Калисто, одигра голема улога во развојот на астрономијата во 17 и 18 век. Тие беа откриени во 1610 год. од страна на Галилео Галилеј (поради тоа се наречени Галилееви месечини), а нивното откритие го забрза прифаќањето на Коперниковиот хелиоцентричен модел на Сончевиот систем, придонесе кон постулацијата на Кеплеровите закони и го овозможи првото мерење на брзината на светлината (види во ЕМИТЕР бр. 6/2013: "Дали брзината на светлината е константна големина").