Скарабејот (познат и како балегар) е инсект којшто целиот живот тркала топчиња од измет што ги користи во неговата исхрана и во исхраната на неговото потомство. Но, ова не значи дека ова малечко суштество не фрла поглед и кон небото.
Неодамнешните истражувања покажале дека еден вид скарабеј (Scarabeaeus satyrus) се служи со јаките светлосни знаци, Сонцето и Месечината, за да може да се движи во права линија. Но, група научници од шведскиот Универзитет Лунд и јужноафриканскиот Универзитет Вицвотерсранд (Witswatersrand) забележале дека и во ноќите со јасно небо и млада месечина повеќето од скарбеите сè уште можеле да се движат во права линија. Бидејќи конкуренцијата со другите скарабеи е јака, овој вид инсекти настојуваат да се движат во права линија веднаш откако ќе ја формираат топката со измет.
За да утврдат дали тие го користат ѕвезденото небо како патоказ, истражувачите во Вријбург, Јужна Африка, направиле картонски "капчиња" кои ги ставиле на некои скарабеи кои потоа ги пуштиле заедни со нивните топчиња од измет. За контрола истовремено со нив пуштиле и набљудувале и група инсекти без "капа", како и група скарабеи на кои им залепиле капа од проѕирна фолија. Инсектите со проѕирни капи, како и тие без капи имале релативно прави патеки. Оние со капите, на кои им бил нарушен видикот, талкале по полето и имале подолги, помалку ефикасни патеки на движење.
За да се осигурат дека за ориентација инсектите ги користат само ѕвездите, научниците спровеле уште неколку експерименти. Во еден од нив тие ги транспортирале бубачките во планетариумот во Јоханесбург. Приказот на приближна слика на ноќното небо, со вклучување на неколку карактеристични ѕвезди и Млечниот Пат, довеле до многу поточна навигација. Доколку бил покажан само Млечниот Пат, како дифузна лента од светлина, бубачките сè уште се движеле доволно ефикасно. Но доколку бил изземен Млечниот Пат од сликата и им биле прикажани 18 светли ѕвезди за навигација, инсектите не се држеле до директната патека и им требало за 50% повеќе време за да стигнат до својата цел. Ова јасно укажува дека инсектите ја користат линијата на Млечниот Пат од ноќното небо за навигација.
Оваа демонстрација можеби е прва убедлива демонстрација на ѕвездена навигација во животинскиот свет.