На овогодинешниот форум на Интел за прв пат се обраќаат Крзанич и новиот претседате на Интел Рене Џејмс откако ги заземаа своите позиции во мај. Од центри за податоци до ултра-мобилни уреди како таблети и телефони, сите сегменти на процесирањето поминуваат низ интересни транзиции, за некои и промени од корен, изјави новиот генерален директор на Интел Брајан Крзанич, за време на отворањето на овогодинешниот Форум за развојни инженери на Интел, во Сан Франциско.
Крзанич ја искажа визијата на Интел и објасни како тие работат на секој сегмент од динамичниот пазар, како што е забрзувањето на напредокот кај мобилните уреди преку промовирање нови производи во претстојната година, вклучувајќи нова линија производи со ниска потрошувачка. Притоа тој најави дека ниту еден сегмент нема да остане недопрен. Крзанич изјави дека Интел оваа недела ќе ја претстави првата 22 нанометарска технологија систем на чип (SoC) за мобилни уреди наречена "Беј Трејл". Го дефинираше сегментот на ултра-мобилните уреди, како смарт-телефоните, таблетите, 2 во 1 таблетите (кои имаат функции како компјутер и додатни тастатури), како и другите уреди надвор од конвенционалната смисла на зборот преносен компјутер и изјави дека ова е подинамичен сегмент одошто се препознава
Како пример како Интел ќе продолжи да ја користи својата водечка позиција во производството и дизајнот на чип-архитектурата, и начините на коишто ќе ја помести границата за ниска потрошувачка, Крзанич ја најави новата линија процесори "Intel Quark", дизајнирани за апликации кај кои приоритет е токму ниската потрошувачка. Во свет со 4G безжични комуникации, Крзанич изјави дека новите LTE решенија на Интел обезбедуваат алтернатива за мултимодална 4G конекција и ја рушат клучната бариера за напредокот на Интел во пазарот за паметни телефони. Крзанич прикажа и систем заснован на 14 нанометарската технологија наречена "Бродвел". Се очекува тој да започне да се произведува уште во текот на оваа година и дека ќе биде водечки производ со 14 нанометарска технологија на Интел.
Работата на Интел со податочни центри, која на годишно ниво носи приходи од 10 милијарди долари, развива решенија кои им помагаат на компаниите да бидат во чекор со зголемените побарувања на клауд услугите и за раководење со податоците кои се производ на милијарди корисници и поврзани уреди низ целиот свет. Целта на Интел е да воведе нова архитектура на податочните центри што ќе овозможи заедничка, софтверски дефинирана основа за провајдерите на податочни центри и клауд услуги кои ги покриваат серверите, мрежите, зачувување и безбедноста на податоци. Најновата линија процесори Интел Ксеон наменети за центри за податоци ќе се појави во текот на денот. Минатата недела Интел претстави производи и технологии за центрите за податоци, меѓу кои и 64-битните Intel Atom C2000 производи за микросервери и платформи за зачувување податоци (Avoton) како и мрежни платформи (Rangeley). Во своите коментари, Џејмс ги истакна "паметните" градови и здравството прилагодено според потребите како примери за потенцијална примена на технологијата која може да ги претвори теориите за процесирање во реалност која менува животи. До 2050 година, 70 отсто од жителите на Земјата ќе живеат во мегаградови. Развојот во технологијата со полупроводници ќе го унапреди раководењето со податоци во "паметните" градови. Интел влегува во партнерство со Даблин и Лондон за да создаде референтно решение кое може да го промени раководењето со урбаните средини, овозможувајќи подобрени општински услуги за пониски цени. Во нејзината презентација, Џејмс ја претстави визијата за нова ера во која секој уред и секој предмет процесира, што значи дека интегрираните решенија мора да бидат помали, побрзи, поразновидни и произведени во поголеми количини. Џејмс го истакна суперпроцесирањето како еден од многуте примери каде моќта за процесирање може да ја промени здравствената грижа, што е најголемиот сектор во глобалната економија. Подетален извештај за случувањата од овогодоинешниот ИДФ во Сан Франциско ќе може да прочитатe во октомврискиот број на ЕМИТЕР.