Рубрика: Телекомуникации
Радиоаматерски активности по повод 50 г. од скопскиот земјотрес
Автор: Владимир Ковачески
Објавено на 26.07.2013 - 11:59

Радиоаматерскиот Сојуз на Македонија, кој што е основан во 1946 година, со свои активности се приклучи во одбележувањето на 50-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје. По тој повод беше издаден специјален повикувачки знак Z350SKOPJE со кој што македонските радиоаматери се огласија во етерот од импровизирани услови со радиоаматерска станица поставена во шатор монтиран во Градскиот парк во Скопје.
Македонските радиоаматери беа првите кои што во светот ја пренеле веста за катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, со што овозможија што поскоро да пристигне неопходната помош.
Со своите секојдневни активности радиоаматерите постојано ги усовршуваат комуникациските вештини со што пошироката заедница добива добро обучени радиооператори кои што своите знаења можат да ги применат во обезбедувањето на основни комуникации при вонредни ситуации.
Досега многупати се докажало дека радиоматерите се незаменлив комуникациски систем во вонредни услови. Радиоаматерските комуникации и во најтешки услови не можат да бидат целосно прекинати. Тоа се должи на големата дисперзираност на радиоаматерските станици, нивната системска независност од земска инфраструктура, големата флексибилност за функционирање во импровизирани услови и секако секогаш присутната спремност на радиоаматерите да помогнат на својата заедница во најтешките моменти. Кога останатите комуникациски системи откажуваат, радиоаматерските комуникации и натаму се во функција и неретко се единствен начин за врска со надворешниот свет.
И покрај тоа што во светот има значително повеќе корисници на интернет и на мобилна телефонија, како и на другите комуникациски сервиси, заедничко на сите нив е што се системски поврзани, така што доколку системот од било кои причини е во прекин, поединечните корисници не можат меѓусебно независно да комуницираат. Тоа не е случај со радиоаматерите чии што радиоаматерски станици се независни една од друга во смилол на тоа дека не се технички системски поврзани, така што можат во секое време директно да комуницираат меѓусебно. Фактот што меѓу аматерските радиостаници нема земска инфраструктура, тоа значи дека истата не може ниту да биде прекината затоа што едноставно ја нема. Затоа, радиоаматерските комуникации никогаш не можат да бидат целосно прекинати.