Маслинката е опишана во делата од древната египетска цивилизација, се спомнува во Библијата, а голема улога имала и во грчката митологија, каде што се спомнува кога божицата Атена, во натпреварувањето со Посејдон, фрлила капка вода во клисурата, на која потоа никнала маслинка.
Маслинките се многу добар извор на мононезаситени масни киселини и добар извор на витаминот Е. Дури 75 проценти од сите масти во неа ги содржи олеинската киселина, за која се покажало дека го намалува нивото на холестерол. Благодарение на стабилноста на мононезаситените масни киселини, маслинките имаат заштитно влијание врз клетките, особено во комбинација со витаминот Е. Со нивното заемно дејствување се намалува ризикот од оштетување на клетките, како и од настанување на воспалителни процеси.
Витаминот Е е главен телесен антиоксидант, растворлив во масти, тој ги собира и ги неутрализира сите слободни радикали во сите делови на телото кои содржат масти. Слободните радикали, пак, предизвикуваат оштетувања, кои потоа можат да предизвикаат разни заболувања. Така, на пример, го оксидираат холестеролот, кој потоа се собира во артериите, а како последица на тоа може да настане срцев или мозочен удар. Со спречување на оксидацијата на холестеролот, маслинките го спречуваат развојот на болести на срцето.
Освен мононезаситени масни киселини и витаминот Е, маслинката содржи и бројни активни фитонутриенти, како полифенол и флавиноид, кои исто така имаат противвоспалителни својства. Со нивното делување се намалуваат симптомите на астмата, остеоартритисот и реумата, три заболувања за чиешто настанување најголема вина имаат токму слободните радикали.
Преку одредени истражувања се покажало и дека витаминот Е од маслинките може да ја ублажи појавата на чувство на жештина кај жените во менопауза.