Долго време астрономите веруваа дека најголемиот дел од сјајните ѕвезди во нашата Галаксија, кои ги гледаме на ноќното небо, се всушност дел од повеќеѕвездени системи. Меѓутоа, истражувањата на група научници од Институтот за астрофизика при центарот "Харвард Смитсонијан"(Harvard-Smitsonian) сугерираа дека поголемиот дел од овие ѕвезди се, всушност, осамени ѕвезди.
При истражувањето на ѕвезди со мала маса, какви што се црвените џуџиња, откриено е дека овие ѕвезди многу ретко се јавуват во повеќеѕвездени системи и дека тие се многу побројни од ѕвездите со поголеми маси, какво што е нашето Сонце. Со оглед на тоа што планетите се формираат многу полесно околу осамените ѕвезди, тие би можеле да бидат многу пораспространети од што се мислело порано.
Имено, до неодамна се сметаше дека дури до 80% од многу масивните ѕвезди во нашата Галаксија, попознати како ѕвезди од О и В-тип, се наоѓаат во повеќеѕвездени системи. Сепак, бројот на овие ѕвезди е многу мал. Нешто повеќе од 50% од побледите ѕвезди, слични на Сонцето, се наоѓаат во повеќеѕвездени системи, а само 25% од црвените џуџиња имаат свои придружници. Ако се земе предвид дека повеќе од 85% ѕвезди во Млечниот Пат се црвени џуџиња, може да се заклучи дека повеќе од две третини од сите ѕвездени системи во нашата Галаксија содржат по едно единствено црвено џуџе.
Големиот број на осамени ѕвезди сугерира дека тие се сами од времето на нивното создавање.