Според aјнштајновата Теорија за релативитетот небеските тела, орбитирајќи еднo околу другo, продуцираат бранување на структурата на простор-времето, поинаку кажано емитуваат "гравитациски бранови", кои ја расејуваат енергијата на телата низ просторот и како последица на тоа тие перманентно спирално се приближуваат едно кон друго. Ефектот е многу мал, но сепак веќе беше детектиран кај еден бинарен пар ѕвезди, од кои едната е неутронска ѕведа.
Меѓутоа, во најново време една група истражувачи од Институтот Макс Планк за радиоастрономија, лоциран во Бон, Германија, објави во списанието Science (Наука) дека детектирале досега најубедлив доказ за таквото дејство на гравитациските бранови, токму онака како што тоа го предвидува Теоријата за релативитетот. Детекцијата тие ја направиле студирајќи еден многу интересен новооткриен бинарен пар ѕвезди, составен од неутронска ѕвезда и бело џуџе, кои орбитираат една околу друга на многу блиско растојание, сè на сè 2 пати поголемо отколку растојанието помеѓу Месечината и Земјата, со период на орбитирање од 2,46 h. Откритието на бинарот е направено од Рајан Линч (Ryan Lynch), член на групата, со употреба на телескопот во Green Bank, Западна Вирџинија. Да објасниме, неутронските ѕвезди се познати и под називот "пулсари" бидејќи тие емитуваат сноп од електромагнетска радијација којшто "шета" низ просторот со периода рамна на периодата на ротација на пулсарот околу себе. Следејќи го тоа пулсирање на неутронската ѕвезда во бинарот преку Европскиот VLT телескоп (Very Large Telescope) во Паранал, Чиле, групата дошла до податоци од кои ја пресметала периодата на орбитирање и масите на ѕвездите во бинарот. Натаму, според Теоријата за релативитетот тие пресметале дека должината на периодата на орбитирање на тој бинар треба да опаѓа за околу осум милионити дел од секунда годишно поради перманентното меѓусебно приближување на ѕвездите во него. И навистина, мерењата реализирани со најмоќните стационарни опсерватории, покажале токму толкав износ од опаѓање на времето од периодата на бинарот, па ете ја индикацијата дека ѕвездите во бинарот навистина меѓусебно се приближуваат.
Овој наод, според Линч, ги исклучува алтернативните теории за гравитацијата, кои се надвор од Теоријата за релативитетот, а кои се обид на физичарите да пронајдат теорија за гравитацијата компатибилна со квантната теорија, всушност, вториот столб врз кој се потпира современата физика.
Но, еве и разидување меѓу физичарите, имено, Клифорд Вил (Clifford Will), физичар од Универзитетот во Флорида, смета дека наодот на групата на Линч само го редуцира бројот на теориите за гравитацијата, алтернативи на Теоријата за релативитетот, но не ги исклучува сите, бидејќи меѓу нив има и такви, кои кореспондираат со констатацијата во наодот од групата на Линч.