Кога ќе се спомене темата зависност од телевизија, веднаш помислуваме на најмладите како најчести жртви на зависноста. Но, според најновите истражувања, луѓето во средовечни години се сè позависни од ТВ-екранот.
Стручните лица предупредуваат дека луѓето што дневно гледаат повеќе од четири часа телевизија, во еден момент веќе немаат перцепција и не можат да разберат што се случува во стварноста. Така, тие стануваат само фигури што седат.
Експертите за медиуми наведуваат различни причини за повеќечасовното седење пред телевизорот, а дел од нив се сиромаштијата, невработеноста, голем процент на постаро население, идеолошката и политичката поделеност на луѓето, а со самото тоа и сè поголемите социјални разлики. Предолгото седење пред ТВ-екраните остава големи последици на самото општество. Најпрво, се запоставуваат домашните обврски, но исто така и граѓанските должности.
Иако медиумите би требало да даваат информации, знаење, да образуваат, па со тоа луѓето кои се долго пред екраните да имаат можност да се оспособат и за некои други функции, тоа не се случува. Денешното гледање на телевизијата е пасивно и се бара само забава, без селекција на содржината. Освен долгото седење пред телевизискиот екран, ТВ-зависникот станува нервозен, раздразлив, без волја за ништо, депримиран, исплашен. Тие не знаат што да направат со себе, па затоа им е најлесно да им се предадат на програмите.
Како и секоја друга зависност, и оваа не е лесно излечлива, но е возможно доколку со лечењето се почне постепено и на соодветен начин. За почеток, човекот треба свесно да го намали времето поминато пред ТВ-екраните, да излезе со пријателите или да го активира заборавеното хоби. Ако тоа не се покаже како успешно, тогаш се преземаат порадикални методи, односно отстранување на телевизорот од домот на определен период. По неколку денови, недели и месеци, навиката ќе исчезне.