Професор, судија, механичар, инженер, лекар, аптекар... Некои од вас веќе имаат одбрано што би сакале да работат во иднина, во која професија би се пронашле себеси, други, пак, сè уште немаат некоја идеја во која професија или занает би биле најкорисни и би можеле да постигнат најдобар успех и да се реализираат себе. Можеби овој текст ќе ви помогне полесно да се определите. Не е воопшто лесно да се одбере вистинската идна професија! Но, што мора –мора да се направи.
Затоа, обиди се да го направиш тоа низ овие чекори:
- Најпрвин разгледај повеќе професии; разгледај ги основните принципи врз кои функционира секоја од професиите... Ќе сретнеш занимања за кои не си ни знаел дека постојат, кои се подзаборавени, но со кои може многу убаво да се живее бидејќи се барани.
- Кога ќе се одлучиш за некоја професија, помини на разгледување на тоа што си го одбрал и обиди се да ги откриеш основните правила врз кои функционира таа професија: уредност, педантност, трпеливост, одредени предзнаења, талент...
- Одбегни ги оние занимања за кои дознаваш преку твоите пријатели и родители, најдобро е сам да истражуваш и не подлегнувај на притисоци од каков било вид.
Но, ако сè уште си го поставуваш прашањето за твојата професионална ориентација, можеш да закажеш средба со психологот за професионална ориентација, со училишниот педагог или друго стручно лице кое работи со оваа проблематика. Со помош на разни тестови за твојата психофизичка подготовка тие ќе ти помогнат да откриеш или да потврдиш што е предмет на твоето интересирање. Ќе добиеш некој совет, препорака, а тоа ќе ти помогне да се одлучиш. Но, можеби ќе помогне во одлуката и понудениов текст!
Корисен за другите
На оние кои сакаат да се чувствуваат корисни, им советувам да се подготвуваат, да одберат некоја професија во која ќе имаат можност да им помогнат на луѓето кои имаат некоја тешкотија или проблем... Тоа се професии во кои ќе дојде до израз дарбата за дијалог, бидејќи покрај тоа што знае убаво да го слуша туѓото мислење, треба да може убаво да им објасни и да им даде корисен совет. Идеја за можни занимања: наставник, адвокат, социјален работник, кинезитерапевт, полицаец...
Дух на научник и истражувач
Ако станува збор за истражувач на полето на науката или истражувач од кој било вид, потребна е длабока и темелна наобразба. Затоа пак научните истражувачи се многу ценети и барани на пазарот на трудот. Идеја за професии: разни професии од полето на природните науки, биолог, фармацевт, електроинженер, ботаничар, археолог, историчар...
Bо допир со природата
Во овој профил на занимања кои имаат потреба од чист воздух би се пронашле оние какоšшто е агрономијата, риболовот, оние кои се занимаваат со одгледување и негување животни и се грижат за животната средина. Се разбира, и за овие занимања е потребна сериознаšшколска подготовка. Соодветни занимања: ветеринар, еколог, агрономинженер, занимања поврзани со шумарството, земјоделието, сточарството и производството на здрава храна.
Вешт за рачна работа
Учениците кои се вешти за мануелна, односно рачна работа, т.е. сакаат да научат некое занимање за кое се потребни вештина и умешност, тоа можат да го научат во некое од средните стручни училишта. Во тие училишта за занимања можат да научат да прават разни предмети од дрво и железо, да изработуваат мебел... Идеи за такви занаети: столар, ѕидар, тесар, бравар, електричар, фризер, кројач, каменорезец...
Трговија и маркетинг
Трговијата е занимање за оние кои сакаат работа што се одвива со мошне живо и брзо темпо. Работењето со размена на материјални добра, или како уште велиме – трговија на стоки, како на големо така и на мало, е вистински предизвик за оние кои го имаат тој трговски дух. За тоа е потребно да се поседува способност за контакт со голем број луѓе и убаво однесување со потрошувачите! Големите претпријатија имаат свои маркетинг – служби кои имаат за задача да ги проценат идните потреби на потрошувачите и да прават анализа на пазарот. За оние кои имаат трговски дух се препорачуваат професиите: трговец, комерцијален агент, маркетинг агент...
Уметник во душата
Покрај писателите, пејачите, сликарите, среќаваме и други уметници чија креативност доаѓа до израз кога се трудат да нацртаат нешто врз својот автомобил, да направат некаков декор во својата соба, во својот стан или да осмислат некои детали, на пример во некој музички спот, да направат уметничка фотографија... Овие занимања се многу посакувани. Оние кои сакаат да се занимаваат со такви креативни проекти треба да се надарени со многу фантазија и талент за да бидат успешни! Како идеја за можни занимања се предлагаат: ликовни уметници, графичари, филмски уметници, реставратори на уметнички дела, стилисти, музичари, тон-мајстори, продуценти...
Занимања со вербала комуникација
За работа во која е примарна вербалната комуникација, основно е тоа да си силен на говорење. Таа се одвива во јавните сервиси за комуникација, медиумите, каде што се испраќаат и се добиваат разни пораки. Во медиумите, новинарите се тие кои ги прибираат и ги испраќаат и коментираат информациите. Занимања: аниматори, хостеси, новинари, библиотекари, спикери... Се разбира, ништо не е ни толку лесно ни едноставно. Но, и најголемите генијалци некогашš биле почетници и се чуделе која професија да ја одберат.
Што и да одберете, треба и понатаму да учите и да се надградувате. Кога за нешто се има голема желба, со многу, многу труд се постинуваат завидни резултати, иако можеби нема некои големи предиспозиции. Ако се случи да згрешите во изборот, не грижете се. Можете да ја смените професијата или она за што ќе откриете подоцна дека ви прави задоволство може да ви биде хоби. Постојат и луѓе со повеќе професии во исто време!