Орбиталната обсерваторија Хершел (Herschel) на ESA (European Space Agency) откри екстремно оддалечена галаксија, која датира од време кога универзумот бил стар помалку од милијарда години. Позната е како HFLS3, а се покажува како слаба црвенкаста флека во комбинираната слика направена од орбитерот Хершел во неколку различни електромагнетски опсези (види ја сликата во прилог). Истражувачите утврдиле дека таа мала "флека" е всушност "фабрика" со многу висока продуктивност во креација на нови ѕвезди, што е спротивно на актуелната теорија за еволуција на галаксиите.
За да го разбереме тоа ќе се потсетиме на таа теорија. Таа претпочита дека галаксиите се формираат според следната хиерархија; најпрво се "раѓаат" мали џуџести галаксии со маса приближно само неколку милијарди пати поголема од масата на нашето Сонце, а подоцна тие се соединуваат формирајќи големи галаксии. Според тоа, денес актуелните големи галаксии, помеѓу кои е и нашата Млечен пат, во својот состав содржат повеќе помали галаксии, а опсервациите ја поткрепуваат таа теорија. Сега можеме да го објасиме проблемот со галаксијата HFLS3?!
Екстремно големото растојание од нас до HFLS3, светлинска информација го поминала во време од речиси 13 милијарди години за да стаса до нас. Тоа значи дека таа галаксија ние сега ја гледаме во време кога универзумот бил на "детска возраст", односно, по само 6,5% изминато време од вкупното времетраење на тековниот век на универзумот, пресметан на 13,7 милијарди години. Проблемот е што според пресметките на истражувачите галаксијата HFLS3 во тоа најрано време не се покажува како џуџеста галаксија, туку со маса приближно колку масата на нашата галаксија, или околу 140 милијарди пати поголема од масата на Сонцето, иако според теоријата за еволуција на галаксиите, во тоа најрано доба на универзумот не би требало да постојат толку масивни галаксии. Па, ете го предизвикот; произлегува дека HFLS3 се наполнила со ѕвезди експресно брзо со стапка на продукција повисока за околу 2000 пати од вообичаената стапка кај актуелните галаксии!?
За крај, дали HFLS3 може да ги принуди теоретичарите да ја ревидираат актуелната теорија за еволуција на галаксиите, тоа е тешко да се каже, бидејќи се работи за само еден пример помеѓу илјадници други, коишто претходно ги детектирал орбитерот Хершел, па е можно овој еден пример да е илузија?! Одговорот на тоа прашање останува да го дадат натамошните истражувања на HFLS3.