Повеќе пати во ЕМИТЕР имаше написи за роботи и роботиката. Непобитен факт е дека роботиката е во подем. Се конструираат роботи за сè и сешто, има дури и Олимписки игри за роботи. Но, се поставува прашањето на кого му требаат роботи кога може да се контролираат, на пример, животни?
Кинеските научници тврдат дека откриле начин да го контролираат летот на гулабите со далечинско управување, насочувајќи ги каде да летаат преку микроелектродни имплантанти во нивните мозоци! "Имплантантите дејствуваат во одредени делови од мозокот на гулабот според сигнали испратени од компјутер. Со овие стимулации гулабот ги извршува животните функции според дадените команди и инструкции. Ова е првиот успешен експеримент на теледиригирање врз птица, односно гулаб во светот" – објаснува еден од научниците од тимот.
Кинеските научници имале сличен успех во 2005 година со вградување на имплантанти во мозоците на глувци, но на луѓе не експериментирале. Тие се надеваат дека оваа технологија на теледиригирање на живи суштества со вградување на имплантант во мозокот ќе биде искористена за практична намена во иднина. Која е таа практична намена, нема објаснување. Дали ќе биде искористена за воени цели, во медицината кај луѓе со оштетување на мозокот или во некоја друга област, останува иднината да покаже. До тогаш ќе се прават и ќе се усовршуваат роботи. Ете во Јапонија каде што недостасуваат медицински сестри направиле робот-медицинска сестра, ама пациентите, посебно оние од машки пол, не биле одушевени. Сакале да ги негуваат вистински, млади и убави медицински сестри.