Дали ве боли вратот по долгото пишување пораки на мобилен телефон? Дали ви се вкочанува палецот од прекумерна употреба на глувчето? Ова се само две повреди кои ги предизвикува новата технологија. Потоа, тука се и компјутерскиот визуелен синдром, како и болки во грбот и многу други проблеми.
Болки во вратот
Болките во вратот најчесто се случуваат поради премногу долго користење лаптоп, смартфон или таблет. Поради популарноста на СМС-пораките овој синдром почесто се јавува кај младите лица, но може да се јави кај кој било што поминува повеќе часови гледајќи кон долу, во екранот на мобилниот. РЕШЕНИЕ: Престанете да гледате надолу, направете пауза и раздвижете ги вратот и рамената.
Компјутерски визуелен синдром
Блескавиот екран и малиот фонт букви придонесуваат за болки во окото предизвикувајќи замор на очите и намалување на способноста на окото да се фокусира, особено кога гледа објекти во далечина. РЕШЕНИЕ: За да се реши овој проблем, потребен е долгорочен пристап. Своите задачи извршете ги со помалку визуелни барања и правете почести паузи. Правилно седете пред компјутерот и наместете по аголот на површината на мониторот за да биде нормална на очите. Дополнително потрудете се да ги зачувате очните мускули во форма. Следете го правилото 20-10-20. На секои 20 минути направете пауза и 20 секунди гледајте во предмет оддалечен најмалку 10 метри. Ваквиот начин на работа со паузи би требало да ви помогне бидејќи компјутерскиот визуелен синдром не е повреда, туку проблем на замор на очите.
Фејсбук-депресија
Некои психолози сметаат дека тинејџерите се толку опседнати со Фејсбук, што тоа влијае на нивното ментално здравје. Експертите сметаат дека младите луѓе со тешкотии во комуникацијата на Фејсбук стануваат повеќе депресивни, отколку што се во реалниот живот. Фејсбук кај многу луѓе предизвикува несоница и ја намалува самодовербата. РЕШЕНИЕ: Ограничете го времето кое го минувате на Фејсбук и немојте да ја заборавите важноста на вистинските контакти и дружењата во живо.
Главоболки предизвикани од мобилен телефон
Со години се води дебата меѓу експертите за тоа дали мобилните телефони се опасни. Иако истражувањата покажале дека не постои врска меѓу главоболката и употребата на мобилни телефони, долготрајните разговори пред спиење го узурпираат сонот и предизвикуваат главоболка следното утро. РЕШЕНИЕ: Ограничете го траењето на повикот и избегнувајте телефонирање во вечерните часови.
Мачнина по играње 3Д игри или гледање 3Д филмови
Дури четвртина од луѓето имаат замаглен вид, главоболка, мачнина и вртоглавица по гледање 3Д филмови или играње игри. РЕШЕНИЕ: Доколку припаѓате на луѓето кои имаат некои од овие симптоми, избегнувајте 3Д филмови, не возете или не извршувате ризични работи по гледање филм или играње 3Д игри.