Пред некоја година една италијанско-данска екипа истражувачи на морските длабочини опишала многуклеточни животни организми, кои го поминуваат целиот свој живот без да консумираат кислород. Имено, во седиментите на дното на Средоземното Море, во зоната на базенот Аталанта, тие откриле нов вид пивтиести животни слични на риби, долги помалку од еден милиметар. Ги нарекле "Loricifera". Кога истражувачите ги откриле претпоставиле дека тоа се остатоци од некои животинчиња, кои паднале на дното на морето по нивната смрт. "Ние сметавме дека е невозможно тие организми да можеле да живеат таму каде што ги пронајдовме", изјави Антонио Пуседу (Antonio Puscedu) од Политехничкиот универзитет на Италија, "но тестовите извршени подоцна од страна на две експедиции покажале дека тие примероци всушност биле живи организми", додаде тој. Објаснувањето е дека тие организми имаат посебна уникатна структура адаптирана за живот во простори без кислород. Имено, наместо т.н. митохондрии, клетки кои го конвертираат кислородот во енергија, а се присутни кај сите познати живи организми, суштествата Loricifera содржат структури слични на т.н. hydrogenosomi, всушност органели слични на оние кај анаеробичните бактерии. Да објасниме, анаеробични бактерии се вид бактерии кои, за разлика од другите, можат да егзистираат во средини без слободен кислород така што ги користат органелите за продукција на нужната енергија.
Наодот ја поткрепи можноста за постоење на сложени животни форми дури и во многу сурови средини без кислород како на Земјата така и пошироко, на други светови во вселената.