Рубрика: Биологија
Како светулките светат во темница
Автор: Ирена Кацеска
Објавено на 13.03.2013 - 11:45

Светулката, или светлечката буба, е крилест инсект кој свети жолто, зелено или црвено благодарение на хемиски произведената светлина, која е емитирана од стомакот. Органот што произведува светлина се наоѓа под последниот мускул на стомакот и има три слоја.

Средниот слој на клетки е со мноштво нервни завршетоци и тука делуваат хемиски соединенија кои, кога се мешаат со кислородот од воздухот, произведуваат енергија во форма на светлина. Таа се рефлектира од долниот слој бели клетки, кои имаат улога на рефлектори.

Од надворешната страна се наоѓа транспарентен слој, кој ја пропушта таа светлина. Светлината на светулките се нарекува студено светло, бидејќи при осветлувањето не емитира топлина.

Светулките најчесто се кафени со меки тело, и мажјаците и женките многу личат едни на други. Тие се познати како ноќни инсекти, бидејќи речиси сите видови емитираат светлосни сигнали само во текот на ноќта.

Животниот циклус на светулките трае најмногу до две недели, во текот на кои тие се во потрага по партнер, се парат, положуваат јајца во близина на водени површини и умираат. Од јајцата по неколку недели се изведуваат ларви, кои по една или две години се претвораат во возрасни инсекти. Интересно е што и ларвите на светулките исто така емитираат светлина, па некои ги нарекуваат и светлечки црви.

Светлината во мракот по правило ги привлекува луѓето, а со тоа делумно може да се објаснат и позитивните реакции на луѓето на овие природни мини-фенери. Сепак, колку и да ни се допаѓа магичниот ефект што го креираат светулките со својот лет, нашата романтична перцепција не ја гледа вистинската причина зошто тие го емитуваат овој уникатен тип светлина. Бидејќи е многу мал интензитетот на светлина, светулките не се во можност да го користат за на себеси да си го осветлат патот, но тоа го прават за потенцијалните партнери и на други единки од истиот вид да им ја сигнализираат својата позиција.

Ноќниот живот на овој вид инсекти може да се објасни со одбранбената стратегија за заштита од предатори, односно адаптација на времето кога повеќето од потенцијалните природни непријатели се неактивни или спијат.

Клучни зборови: