Рубрика: Психологија
Дали верувате во влијанието на Mесечината
Автор: Ирена Кацеска
Објавено на 22.02.2013 - 12:50

Постојат многу верувања поврзани со Месечината и Месечевиот циклус. Во одделни месечеви фази добро е да се сее ова или она, во некои други, добро е да се започне работа или е погрешно нешто да се работи.
Едно од честите убедувања поврзани со месечевиот циклус е верувањето на многу луѓе дека полната месечина влијае на нив, тогаш тие се повеќе нервозни, склони се кон агресија, лошо спијат и се превртуваат во креветот. Се чини дека статистиката го поддржува ова верување, имено, навистина е поголем бројот на криминални дела кои се случуваат во ноќите на полна месечина. Слично на тоа, и повредите се почести тогаш.
Додека некои се прашуваат каква врска може да има полната или младата месечина со човековото однесување и ја отфрлаат целата работа како бесмислена, други се апсолутно сигурни во фактот дека постои поврзаност, иако не знаат точно каква.
Што велат научниците? Ништо конкретно, никаква вистинска законитост не е докажана. Постојат многу студии и експерименти кои се направени со цел да се утврди дали навистина постои накоја врска меѓу месечевите мени и однесувањето на луѓето, но никакви конкретни докази не биле пронајдени. Се утврдило дека најважно во целата работа е она воšшто веруваме. Имено, во еден експеримент на група луѓе кои тврделе дека ги чувствуваат ефектите од полната месечина им е речено дека таа вечер месечината ќе биде полна, иако тоа воопшто не било точно. Таа ноќ, сите тие се превртувале во креветот и спиеле многу немирно, што значи дека им било доволно само да слушнат дека месечината ќе биде полна, па тоа да им го наруши спиењето.
Се разбира, ако некој е цврсто убеден дека ќе биде нервозен во ноќта на полна месечина, навистина и ќе биде нервозен. Со ова може да се објасни и зголемената стапка на криминал, пожари или предвремени породувања во тоа време.
Дали верувате дека тука, сепак, има нешто? Дали месечината навистина може да влијае на успехот или неуспехот на нешто? Ништо нема да ве чини ако тестирате некои од општите уверувања, на пример, првата половина од месечевиот циклус е добра за иницирање различни активности, додека другата половина симболизира загуба. Обидете се, можеби и ќе успеете!