Рубрика: Екологија
Наскоро биопластична амбалажа
Автор: Калина С. Андонова
Објавено на 15.02.2013 - 14:14

Истражувачи од Центарот БТТ (Биотехнолошки технологии) во Финска, развиле метода со која ќе се подобри квалитетот на пластичната амбалажа произведена на биотехнолошка основа.
Новата генерација биопластична амбалажа не е само еколошка, туку има и дополнителни предности во однос на традиционалната пластична амбалажа. ВТТ развил техника која овозможува производство на PGA (pin grid array – решетка од боцки-пинови), од мономерна гликолна киселина од биолошки материјал, која се покажала многу подобра од онаа што се произведува досега.
– Оваа нова генерација на пластична амбалажа нуди врвен квалитет во однос на традиционалната пластична амбалажа, – вели професорот Али Харлин од ВТТ.
Био-PGA пластиката има одлични својства на непропусливост. Со одредени додатоци во структурата на PGA-пластиката, се добило значајно подобрување на карактеристиките во однос на традиционалната пластична амбалажа. Оваа пластика е цврста, јака (20 до 30 % е појака од досега произведуваната PLA (Polylactic acid – пластика произведена од пченка, компири, целулоза и друго, која е исто така разградлива биопластика), отпорна е на топлина и на маснотии. Издржува 20 степени повисока температура, а разградливоста може да £ се регулира. Оваа пластика најнапред нашла особено голема примена во производство на електронски елементи како што се процесори, мемориски елементи, но и во други комерцијални потреби.
Зошто се бара нов вид амбалажа?
Околу 40% од произведената пластика што се користи за пакување е произведена од нафта. Количината нафта која секоја година се користи за производство на пластика е 5% од вкупната потрошувачка на нафта на светско ниво, што создава посебен притисок на индустријата на амбалажа да ја намали зависноста од нафта.
Од друга страна, со користење обновливи природни ресурси за изработка на амбалажа, ќе се намали и емитувањето на јаглерод диоксид.
Се проценува дека вкупното чинење на производи за пакување на светско ниво е околу 500 милијарди евра, а вредноста постојано расте поради зголемување на пазарите во Кина и Индија. Во моментов се смета дека биопластиката изнесува околу 1% од светското производство на полимери.
Според анализите, емисијата на јаглерод диоксид од биопластика е околу 70% пониска од емисијата од пластиката произведена од нафта, што воопшто не е за занемарување.