Многу научници веруваат дека во 2013 год. ќе биде објавено откритие на првата Земја-двојник, егзопланета слична по големина и по природа на Земјата, со услови за живот. Во тој контекст, еве ја изјавата на Геоф Марки (Geof Marcy), космолог на Универзитетот Беркли (Berkeley), Калифорнија: "Откритието на првата егзопланета – двојник на Земјата, со димензии и орбита кои ја прават погодна за поддржување живот, многу веројатно е дека ќе биде објавено во 2013 год.Таа ќе биде откриена најверојатно со проектот HARPS (High Accuracy Radial velocity Planet Searcher – високо прецизен радијално брзински планетски трагач), т.е. со иста метода со која е откриена првата егзопланета 51 Pegasi b во 1995 год.".
Да се потсетиме на таа метода! Таа се базира на спектрометарско откривање и мерење на перманентните вибрации на спектралните линии во светлинскиот спектар на некоја ѕвезда, како последица од вибрации ("пертурбации") во радијалната компонента од брзината на движење на ѕвездата по нејзината траекторија, коишто се појавуваат бидејќи егзопланетата и ѕвездата кружат како една целина околу нивната заедничка тежишна точка, т.н. барицентар (поопширно во ЕМИТЕР 1/10: "Потрага по екстрасоларна Земја"). Радијалните вибрации (пертурбации) циклусно ја приближуваат и ја оддалечуваат ѕвездата од нас, што според Доплеровиот ефект се манифестира со циклусно вибрирање (воблирање) на спектралните линии во светлинскиот спектар на ѕвездата. Врз основа на амплитудата и фреквенцијата на вибрирањето на спектралните линии, научниците ја пресметуваат масата и периодата на орбитирање на инаку невидливата егзопланета.
Дека во 2013 год. ќе биде откриена егзопланета – двојник на Земјата, оптимист е и Мико Туоми (Mikko Tuomi), космолог од Универзитетот Hertfogdshire, Велика Британија:"Во нашата галаксија, според најновиот попис, постојат околу 140 ±10 милијарди ѕвезди, кои се домаќини на најмалку 50 милијарди планети, ако не и повеќе, па ако претпоставиме дека веројатноста некоја од нив да биде слична на Земјата е 1:10 000, ќе добиеме околу 5 милиони потенцијални "животни, планети".
Системот HARPS е лоциран на планинското плато La Sila, во Калабрија, Италија; управуван е од конзорциумот на ESA (Europeene Spatiale Agence – Европска вселенска агенција) со седиште во Женева.