Екипата на Андре Нел, од Природонаучниот музеј во Париз, во Кина откри фосили на болви стари 165 милиони години. Иако кај пронајдените фосилни остатоци од болвите нивните нозе се особено големи, според нивната градба научниците претпоставуваат дека тие не биле спосовни за скокање. Претпоставката е дека џиновските праисториски болви мора да ползеле врз нивната жртва, а нозете им служеле за подобро да се "држат" за неа. Тие се десетпати поголеми од денешните болви, додека нивниот апарат за шмукање крв е многу развиен. Според Нел, ова укажува дека тие најчесто паразитирале врз животни кои имале дебела кожа, најверојатно диносаури со пердуви, а помалку веројатно кај малите цицачи.
Имајќи предвид дека досега се сметаше дека болвите еволуирале заедно со цицачите, поради тоа што се хранат од нивната крв, ова се смета за големо откритие.
Инсектите ги нарекуваат уште и псевдоболви а се пронајдени и примероци зачувани во ќилибар.
До истите наоди дошол и еден друг тим научници од Универизитетот во Орегон заедно со нивните колеги од Кина. Зоологот Џорџ Поанар (George Poinar) вели дека во периодот пред 150 милиони години опстојувале и огромен број на видови на инсекти чија популација "цветала". Овие инсекти имале огромно влијание врз светот на диносаурите на најмалку два начина.
Преку вршење на опрашување на растителниот свет како и денешните инсекти, потпомагајќи го развојот на цветните растенија и овозможувајќи нивна доминација. Диносаурите кои не биле способни да се прилагодат на новата диета биле во неволја.
Од друга страна научниците кои ги испитуваат остатоците од измет од диносаури, велат дека откриле на овој начин дека диносаурите пателе од повеќе болести и меѓу другото, пателе и од присуството на паразити и глисти. Поанар вели дека барем дел од овие "диносаурски маки" се должат на присуството на псевдоболвите. Тој исто така вели дека паразитите и болестите дополнително го забрзале "исчезнувањето" на диносаурите.