Група невролози од Универзитетот во Кјото ги поставија темелите на иновативна техника за декодирање соништа. За да стигнат до оваа техника, тие претходно ја бележеле мозочната активност на 200 субјекти додека тие спиеле. Во моментот кога спијачите влегувале во првата фаза од сонот, во која може да настанат слики од соништата, тие ја бележеле нивната мозочна активност во времетрање од десетина секунди, за потоа да ги разбудат спијачите барајќи од нив да ја опишат содржината на нивните соништа.
Oд испитаните било побарано да одговорат на серија прашања како, на пример, дали во нивните соништа се појавувал маж или жена, дали сонот се случувал во град, да го опишат пејзажот во кој сонот се збиднувал, дали во сонот имало компјутер, или пак се појавувала некоја позната личност, итн. Од ова испитување научниците изолирале 20 главни составни елементи на соништа. Потоа, на испитаниците им биле прикажувани слики кои ги претставувале различните компоненти (ликови на мажи, жени, слики од автомобили, компјутери, природни пејзажи), додека истовремено се мерела и нивната мозочна активност.
Кога луѓето се вратиле да спијат, тие забележале оживување на овие различни активности, што им овозможило да претпостават од кои компоненти се состоел сонот во кој момент. Така, на пример, присуството на маж или жена е предвидено со 80 проценти сигурност. Точноста била нешто пониска при обидот да се погоди опкружувањето во кое се одвивал сонот, дали бил сместен во град или во природа, дали имало автомобили итн. Засега, значи, не е возможна сосема сигурна визуелизација на сонот, но е можно да се добие индикација од што тој се состои.
Следниот чекор е да се направи ваков вид евиденција на содржините од сонот за време РЕМ-фазата од спиењето. Но, ова значи и обезбедување поголеми ресурси за истражувањето. Имено, потребен е најмалку еден час спиење за да се постигне РЕМ-фазата на сонот, што значи значително продолжување на времeтраењето на експериментот. Како и да е, ова истражување се чини дека го отвора патот кон можностите за визуелизација на соништата во некоја поблиска иднина.