Спектакуларната слика на два меѓугалактички млаза од плазма, покажана во прилог, е комбинација од две различни слики направени во различно фреквентно подрачје. Едната слика е направена во оптичкото (видливо) светлинско подрачје со врвно софистицираната камера Wide Field Camera 3 вградена во орбиталниот телескоп Хабл, а другата е направена во радиобраново фреквентно подрачје со стационарниот радиотелескоп VLA (Very Large Array), лоциран во Ново Мексико, САД. Жолтеникавата флека во средината на сликата е галаксијата Херкулес А, поинаку позната под број 3C348). Кога таа се гледа во видливото светлинско подрачје (Хабл), се покажува како сосем нормална елипсовидна галаксија, оддалечена околу 2 милијарди светлински години од нас. Меѓутоа, кога истата таа навидум "безопасна" галаксија се гледа во радиобраново фреквентно подрачје (VLT радиотелескопот), се покажуваат и два огромни млаза од плазма, кои излегуваат од две нејзини соседни џуџести галаксии покажани на левата и на десната страна од сликата. Од секоја од нив излегува по еден млаз, инаку невидлив во оптичкото подрачје, кој завршува во галаксијата Херкулес А. Објаснување?
Галаксијата Херкулес А е околу 1000 пати помасивна од нашата галаксија Млечен Пат, па според тоа, во својот центар таа содржи 1000 пати помасивна црна дупка во споредба со црната дупка во нашата галаксија. Таа супермасивна црна дупка со маса 2,5 милијарди Сончеви маси, избива од двете соседни џуџести галаксии млазеви составени од плазма, која во вид на вител паѓа во црната дупка со брзина речиси рамна на брзината на светлината. Дека млазевите се составени од плазма, научниците заклучуваат по тоа што тие не се видливи во оптичкото (видливото) фреквентно подрачје, туку во радиобрановото фреквентно подрачје.
Останува уште да објасниме што е тоа плазма? Тоа е состојба на материјата во која јадрата и електроните во молекулите се меѓусебе наполно раздвоени едни од други, па материјата наликува на мешавина од расфрлани елементарни честички. Денес се знае дека во најраниот универзум плазмата беше неговата главна состојка. Во најново време плазмата се третира како 4-та агрегатна состојба на материјата.