Употребувајќи ја сликата со зашеметувачки девет гигапиксели, дело на инфрацрвениот телескоп за набљудувања ВИСТА, лоциран во опсерваторијата Паранал на ЕСО во Чиле, меѓународниот тим од астрономи направија каталог на повеќе од 84 милиони ѕвезди од централните делови на Млечниот Пат. Огромната база на податоци содржи над десетпати повеќе ѕвезди отколку претходните студии и е голем чекор напред кон разбирањето на нашата галаксија. Сликата на гледачите им нуди неверојатна глетка кон централниот дел на нашата галаксија, кој по желба може да се зголеми за поблиски набљудувања. Всушност, добиената слика е толку голема што доколку се испечати со типичната резолуција за книга, таа ќе биде широка 9 метри и висока 7 метри.
Повеќето спирални галаксии, вклучувајќи го и нашиот дом – галаксијата Млечен Пат, имаат голема концентрација на прастари ѕвезди околу центарот, што создава еден вид "џумка", испакнување околу самиот центар, кое астрономите го нарекуваат булбус. Сознанието како се формирал и како еволуирал булбусот на Млечниот Пат е од витално значење за разбирање на галаксијата во целина. Сепак, правењето детални опсервации на овој регион не е лесна задача поради големото количество прав.
Големото огледало, широкото поле на набљудување и многу чувствителните инфрацрвени детектори од 4,1-метарскиот телескоп ВИСТА (Visible and Infrared Survey Telescope for Astronomy – VISTA) на ЕСО се најдобрите алатки за оваа задача. Тимот астрономи користат податоци од програмата VISTA Variables in the Via Lactea (VVV), едно од шесте јавни испитувања спроведени со Виста. Податоците се употребени за создавање на монументалната слика во боја од 108 200 x 81 500 пиксели, која содржи речиси девет милијарди пиксели. Ова е една од најголемите астрономски слики направени досега. Тимот веќе ги искористи овие податоци за создавање на досега најголемиот каталог на ѕвездите концентрирани во централното подрачје на Млечниот Пат.
Како помош при анализата во овој огромен каталог, светлината од секоја од ѕвездите е обележана наспроти нејзината боја, што е направено за околу 84 милиони ѕвезди, создавајќи дијграм од бојата на магнитудите на ѕвездите. Ова е прв план од ваков вид направен за целиот булбус. Дијаграмите на бојата од магнитудата на ѕвездите претставуваат многу корисни алатки, кои често се користат од страна на астрономите за проучување на различните физички својства на ѕвездите, како што се нивните температура, маса и возраст.
Новиот дијаграм на булбусот содржи цело богатство од информации за структурата и составот на Млечниот Пат. Еден интересен резултат, кој е последица од новите податоци, е големиот број ѕвезди од типот на бледи црвени џуџиња, кои претставуваат први кандидати за пребарување мали екстрасоларни планети околу нив.