Во денешно време кога електронската комуникација е повеќе од секојдневност и неопходност сведоци сме на се повеќе кршења на непишаните правила на културна електронска комуникација и недолично и несоодветно он-лајн однесување. Со цел дефинирање на рамките на правилата за убаво однесување во е-комуникацијата и подигнување на јавната свест за начинот на кој луѓето комуницираат преку социјалните мрежи, Фондацијата “е-Македонија” на Македонски Телеком АД – Скопје започна со реализација на проектот "е-Бонтон"
Станува збор за креирање на "е-Бонтон” прирачник за електронска комуникација во чија подготовка можат да се вклучат сите граѓани кои се активни во дигиталната комуникација. "е-Бонтон” прирачникот се очекува да биде збирка на правила за етичко однесување и комуницирање при електронска комуникација од секаков вид, кои што ќе ја подобрат комуникацијата и меѓусебното разбирање меѓу луѓето.
"Како лидери на интернет пазарот во земјава и како компанија која што со своите висококвалитетни услуги придонесе за развој на информатичкото општество, проценивме дека е време нашата мисија да ја издигнеме на едно ниво погоре. Впрочем, "е-Бонтон" проектот се однесува токму на тоа. Целта на проектот е да ги поставиме основите на доброто однесување во виртуелниот простор и да дефинираме култура на однесување", – изјави Даниел Сас, претседател на Фондацијата "е-Македонија".
"Главната цел на креирањето на овој прирачник е да се постави структура односно платформа на која ќе се доградува целата електронска комуникација. Неопходно е да се вклучат што поголем број на граѓани кои секојдневно се вклучени во интернет комуникацијата, разговараат и ги споделуваат своите најважни моменти преку социјалните мрежи, и кои знаат што е добро при таквиот начин на комуникација и што треба да се промени со цел да се подобри електронското општење. Благодарение на нивните лични искуства, совети и предлози Фондацијата ќе го креира првиот прирачник од ваков вид во Македонија", изјави Радмила Јончевска, директор на Фондацијата "е-Македонија".
Фондацијата креираше веб-страница www.ebonton.mk и Фејсбук фан-страница „Е-Бонтон“ која е отворена за сите што сакаат да споделат мислења за да се креира прирачникот. Предлозите ќе можат да се испраќаат на наведените страници до средината на јануари 2013 година.
Проектот “е-Бонтон” е поддржан и од невладината организација Метаморфозис, Младинскиот отворен форум и Високата школа за новинарство и односи со јавност.