Вселенската лабораторија "Интеграл" на ESA (European Space Agency) за првпат детектирала титан-44 во составот на остатокот од суперновата 1987А, која се случила во Големиот Магеланов облак, сателитска галаксија на нашата галаксија Млечен Пат, оддалечена 166 000 светлосни години. Блесокот на суперновата ја досегнал Земјата во месец февруари 1987 год., но, нејзиниот остаток продолжил да свети дури досега (црвениот прстен на сликата во прилог), благодарејќи на енергијата која се ослободува од континуираното природно распаѓање на радиоактивните елементи (меѓу кои и титан-44) исфрлени од експлозијата.
Да се потсетиме, супернова се нарекува експлозија на ѕвезда со маса 11 пати поголема од нашето Сонце. Кога таа ќе го потроши сето свое нуклеарно гориво, таа најпрво колапсира во самата себе, генерирајќи доволно висока температура за да креира потешки елементи, како што се железо, кобалт и никел, а потоа експлодира исфрлувајќи ги тие елементи во просторот. При експлозијата се ослободува енормно големо количество енергија што го продуцира почетниот блесок, кој со својот сјај може да го надмине сјајот на целата галаксија. Потоа блесокот згаснува, меѓутоа, остатокот од експлозијата продолжува да свети со намален сјај уште некое време, но сега под дејство на енергијата што се ослободува од распаѓањето на исфрлените радиоактивни елементи. При неговото распаѓање, секој радиоактивен елемент емитува енергија со некоја своја карактеристична бранова должина, според која астрономите можат да го утврдат составот на остатокот од суперновата.
Токму на таков начин вселенската лабораторија "Интеграл" детектирала разни елементи во остатокот од наведената супернова 1987А. Најнапред се детектирани елементите кислород и калциум во надворешните слоеви, потоа се детектирани радиоактивните елементи никел-56, кобалт- 56 и железо-56 во внатрешните слоеви, а во најново време за првпат е детектиран и радиоактивен титан-44, во доволно количество за да може да го одржува сјајот на остатокот од суперновата 1987А повеќе од 20 год. Според пресметките, вкупната креирана маса на титан-44 во јадрото на ѕвездата изнесувала 0,03% од масата на Сонцето, што е на горната граница од теоретските предвидувања.
Наодот ќе помогне подобро да се разберат процесите што се случуваат на крајот на животот на масивните ѕвезди.