Диона (Dione) е мала Сатурнова месечина со пречник од 1123 km, орбитира околу Сатурн за 2,7 Земјини дена на орбита со средна оддалеченост од Сатурн 337 400 km, што е приближно исто растојание како помеѓу орбитата на Месечината и Земјата.
Месечината Диона покажува чудна дихотомија: една половина од нејзината површина е преполна со длабоки кратери, додека спротивната половина е речиси без кратери (види ја сликата во прилог)! Да објасниме, во астрономијата дихотомијата значи дека некое небеско тело покажува разлика во структурата или обликот меѓу двете негови половини од површината.
Размислувањето за причината на дихотомијата кај Диона започнува од фактот што таа, исто како и нашата Месечина, е "гравитациски заглавена" како последица од дејството на ефектот "плима и осека", така што Диона "покажува" секогаш една иста своја половина кон Сатурн. Според тоа, една ротација околу нејзината оска е временски еднаква на една нејзина обиколка околу планетата, ефект познат во астрономијата под називот "синхрона ротација". Таквата ротација предизвикува уште еден феномен: кон насоката на движењето (орбитирањето) околу Сатурн, секогаш "гледа" една иста половина од површината на Диона, небаре таа половина е "предводник" во движењето, додека спротивната половина е секогаш свртена спротивно од насоката на орбитирањето. При таквата поставеност, логички е половината – "предводник" да претрпи поголем број судири, па да има и поголем број подлабоки кратери. Но, не е така, туку е обратно: токму на половината којашто "предводи" има помал број и поплитки кратери, отколку што има спротивната половина! Објаснување?
Научниците сметаат дека половината со поголем број кратери некогаш била свртена кон насоката на движењето (орбитирањето), значи сепак била "предводник" и тогаш била изрешетана во судири со астероиди. Некои од тие судири биле многу жестоки, такашто ја заротирале околу нејзината оска. Но, под дејство на ефектот "плима и осека", таа ротација повторно влегла во наведениот режим "синхрона ротација", меѓутоа, овој пат половината со повеќе кратери останала на спротивната страна од насоката на движењето (орбитирањето), и во таа положба останала до денес!
Фотографијата во прилог е направена од сондата Касини, која орбитира околу Сатурн.