Американските научници откриле револуционерен метод за рециклирање на старата хартија. Од сега па натаму, од стари весници и од други деривати на целулоза може да се произведе биогориво, или попрецизно, бутанол. Ова откритие не можеше да дојде во подобро време, со оглед на тоа што побарувачката за гориво сè повеќе расте, а расте и неговата цена. Овој нов метод е еден од начините на кој старомодната новинска хартија има голема предност пред интернетот.
Научниците од Универзитетот "Тулан" откриле нов вид бактерии под називот ТУ-103, кои користат хартија за да произведат бутанол, биогориво кое може да послужи како замена за бензинот. ТУ-103 е прв вид бактерија од природата која произведува бутанол директно од целулоза, со органско соединување. Целулозата може да се најде во сите зелени растенија и е една од органските материи кои на Земјата ги има во изобилство. Само во САД годишно се фрлааат најмалку 323 милиони тони целулозна материја, која би можела да се употреби за производство на бутанол. Лабораторијата во која работел Давид Мулин, постдокторанд при Универзитетот "Тулан" прва ја пронашла бактеријата ТУ-103 во животински измет, била приспособена и развиена методата која може да се искористи за производство на бутанол.
Најважна работа во врска со ова откритие е способноста ТУ-103 да произведува бутанол директно од целулоза. Давид Мулин објаснил дека ТУ-103 е единствен познат вид кој произведува бутанол и кој може да расте и да произведува бутанол во присуство на кислород, кој инаку ги убива сите останати бактерии кои можат да произведуваат бутанол. Произведувањето на бутанол во средина без кислород ги зголемува производствените трошоци.
Како биогориво, бутанолот е подобар од етанолот бидејќи може да се користи во веќе постојните моторни возила без никаква модификација на моторот, може да се транспортира преку постоеките цевководи за горива, помалку е корозивен и дава повеќе енергија од етанолот, што може да ја подобри километражата на автомобилите. Како гориво, биобутанолот кој се добива од целулоза, би можел во однос на бензинот драстично да ја намали емисијата на јаглерод диоксид и со самото тоа би можел да има позитивно влијание на депониите за отпад.
Уште еднаш научниците нè изненадуваат со својот труд и иновативноста откривајќи ја оваа нова метода на рециклирање на старата хартија. Ова не само што ќе доведе до подобро зачувување на животната средина со рециклирање на хартијата, намалување на емисијата на штетни издувни гасови, туку ќе овозможи поевтини и поприфатливи горива за нашите автомобили.