Рубрика: Хемија
Бактерија која произведува злато
Автор: Калина С. Андонова
Објавено на 23.11.2012 - 11:30

Истражувачи од Државниот универзитет во Мичиген откриле дека способноста на еден вид бактерија да издржи неверојатна количина токсичност е клуч за создавање на 24-каратно злато. – Ова што го работиме ние е микробиолошка алхемија – претвораме нешто што нема вредност во цврст благороден метал кој е многу вреден, го претвораме во злато – вели Казем Кашефи (Kazem Kashefi), доцент на микробиологија и молекуларна генетика на Државниот универзитет во Мичиген.
Тој и Адам Браун (Adam Brown), кој е професор по електронски уметности и медиумски култури (имало и вакви предмети на универзитети!), откриле дека бактеријата Cupriavidus metallidurans, која инаку е отпорна на метали, може да расте на масивни концентрации златен хлорид, или течно злато, отровно хемиско соединение кое го има во природата. Всушност, овие бактерии се барем 25 пати појаки отколку што тоа го покажале поранешните проучувања, тврдат истражувачите составувачи на уметничката инсталација "Ремек-дело на љубителите на металот" ("The Great Work of the Metal Lover"), која користејќи комбинација на биотехнологија, уметност и алхемија претвора течно злато во цврсто 24-каратно злато. Уметничкото дело се состои од преносна лабораторија изработена од метал и позлатена со 24-каратно злато, стаклен биореактор и бактерии, а таа комбинација произведува злато пред публика.
Браун и Кашефи ги хранеле бактериите со огромни количини златен хлорид, имитирајќи процес за кој веруваат дека се случува во природата. За време од една недела бактериите преработуваат толку токсини, што од нив се создава грутка злато.
"Ремек-делото на љубителите на металот" користи живи суштества како средство за уметничко истражување", објаснува Браун.
Освен тоа, уметничкото дело се состои од низа слики направени со скенирање со помош на електронски микроскоп. Користејќи древни техники на сликање со злато, Браун ги позлатил со 24-каратно злато оние места на кои имало бактерии.
– Ова е неоалхемија. Секој дел, секој детаљ од проектот е спој меѓу модерната микробиологија и алхемијата. Науката се обидува да објасни некои феномени, но и да создаде феномени. Уметноста има сила да поттикне создавање научни експерименти, иако трошоците за овој, но и за други експерименти не се воопшто мали, – вели Браун.
Инсталацијата "Ремек-дело на љубителите на металот" била одбрана на конкурс на изложба во Австрија и ја добила наградата Prix Ars Electronic за кибернетичка уметност. Тоа е една од највисоките награди за креативност и пионерски дух на подрачјето на дигитални и хибридни медиуми. Дали оваа бактерија е спас од глобалната економска криза? Сигурно дека не е, но од оваа инсталација станале побогати само авторите.