Најголемиот речен кањон на Земјата, Големиот Кањон (Grand Canyon) на реката Колорадо, во Аризона, САД – долг 446 km, широк 29 km, длабок 1,8 km – наликува на мала гребнатинка во споредба со "Valles Marineris", втората знаменитост на планетата Марс (првата знаменитост на Марс е Olympus Mons, највисокиот врв во Сончевиот систем, висок 21 km). Растегнат во должина од 4000 km, широк 200 km и со зашеметувачка длабочина од 10 km, тој има статус на "најголем кањон во Сончевиот систем". Неговата слика од птичја перспектива (ја гледаме во прилог) е направена според податоци собрани од 20 обиколки на орбиталната сонда Mars Express околу Марс, проект на ESA (Europien Space Agency). Сликата го прикажува кањонот во речиси природни бои, со вертикално зголемување за 4 пати.
Кањонот содржи мноштво податоци кои ја одразуваат геолошката историја на регионот. Но, како е формиран кањонот? Неговото формирање најверојатно е во блиска поврзаност со соседната вулканска височинка, т.н. Tharsis bulge, (на сликата не е покажана), домот на Olympus Mons, највисокиот вулкански врв во Сончевиот систем. Поврзаноста на кањонот со Tharsis bulge геолозите ја препознаваат според составот на камењата содржани во ѕидовите на кањонот и во неговото опкружување, кои јасно покажуваат дека имаат вулканско потекло. Имено, ако височинката Thasis bulge настанала од вулканска магма во време на првите милијарда год., можно е неговото опкружување да било растегнато така што се расцепило под дејство на сеизмичка активност, така формирајќи го гигантскиот кањон Valles Marineris. Сепак интригантно е прашањето како настанало видливото проширување на кањонот во неговиот среден дел? Одроните и ерозијата секако дека имале своја улога во конечното обликување на кањонот, меѓутоа, научниците ја вклучуваат и можноста во обликувањето да имал удел и некогашен силен воден тек, којшто го продлабочил кањонот откако тој бил формиран. Имено, минералошките податоци констатирани од сондите (вклучувајќи ја и сондата Mars Expres), кои орбитираат околу планетата, покажуваат дека теренот во кој лежи кањонот бил дополнително реобликуван под дејство на течна вода пред околу стотини милиони год.