Истражувањата спроведени на шимпанзата покажале дека овие цицачи, како и луѓето, се погодени од смртта на близок член од семејството или членови од нивната група. Согледувањата за тоа како шимпанзата реагираат на мртви и на придружници кои умираат укажуваат на тоа дека нивната свест за смртта е далеку поразвиена отколку што претходно се мислело.
Досега беше познато дека шимпанзата се слични како луѓето во многу ситуации – сочувствуваат со другите, имаат чувство на правичност и се подготвени да работат заедно за да се постигне некоја цел. Но ова е прв пат науката да бележи како шимпанзата ја перципираат смртта и изразуваат жалење за смртта на познати или сродни животни, во заробеништво и во дивината. Во склоп на едно од овие истражувања научниците ги набљудувале последните часови и моментот на смртта на постара женка-шимпанзо, која живеела во мала група во сафари-парк. Втората студија истражува како две мајки-шимпанза во дивината носат мумифицирани остатоци од млади неколку недели откако изумреле од болест на респираторниот систем сличен на грип. Групата шимпанза од сафари-паркот соочена со смртта на женката воглавно била мирна и покажувала зголемена доза внимание кон животното на умирање. Откако умрела, брзо ја оставиле, но нејзината возрасна ќерка се вратила и останала покрај нејзиното тело цела ноќ. Кога следното утро чуварите го отстраниле нејзиното тело, целата група останала невообичаено тивка – како да тагува. Неколку дена останале смирени и избегнувале да спијат на платформата каде што умрела женката, иако тоа било нивно омилено место за спиење.
Во една друга студија од Универзитетот во Оксфорд била испитувана смртта на пет членови на изолирана заедница шимпанза, која истражувачите ја проучувале повеќе од три децении во шумите Босо, во Гвинеја. Од пет шимпанза, кои умреле од респираторни инфекции, две биле бебиња. Нивните мајки продолжиле да ги носат мртвите тела неколку недели, дури и месеци по нивната смрт. За тоа време тие биле во целост мумуфицирани, а мајчинската грижа за нив не се разликувала од онаа за живите мајмунчиња – ги носеле насекаде во текот на дневните активности на групата, ги негувале и ги носеле во нивното засолниште за време на одморот.
Овие две студии се исклучително важни бидејќи тие придонесуваат за разбирање на еволутивниот почеток на човечкото доживување на смртта и даваат целосен увид во начинот на кој шимпанзата го доживуваат светот околу себе.